Бугарскиот премиер Кирил Петков изјави во средата дека лично не го видел планот на Франција за посредување за почеток на преговорите на Македонија со Евроспката унија.
Два дена по информацијата дека францускиот претседател Емануел Макрон подготвил план за почетокот на преговорите на Македонија за придружување на ЕУ, прво бугарскиот претседател, Румен Радев соопшти дека не планира да патува за Франција, а денеска и премиерот Кирил Петков изјави дека не е запознаен со никаков предлог во таа насока.
„Иако јас лично ништо не сум видел црно на бело, ние секогаш сме отворени и подготвени да разгораваме со сите наши европски партнери ако имаат некакви предлози кои имаат смисла“, рече Петков.
Петков додаде дека Бугарија отсекогаш била отворена и подготвена да разговара со сите европски партнери доколку имаат значајни предлози, но тие мора да бидат во рамковната позиција на Бугарија. Што и да се направи, според Петков, мора да се потврди преку рамковниот став на Бугарија, а да помине и низ бугарскиот Парламент.
Бугарскиот премиер изјавата ја даде на врвот Околчица каде што денеска Бугарија го одбележува Денот на Ботев, со сенародно поклонение и помен на поетот – револуционер Христо Ботев, кој загинал пред 146 години. Заедно со премиерот Петков беше и лидерот на бугарските социјалисти и вицепремиер Корнелија Нинова.