Во пресрет на локалните избори Миле Петков кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Општина Виница, во разговор за Курир вели дека доколку стане градоначалник ќе преземе конкретни мерки за промоција и привлекување на домашни и странски инвеститори за изградба на СПА центри, хотели, објекти за болничко лекување и спортски комплекси.
Што ве поттикна да се кандидирате за градоналник на Виница?
Сметам дека со моето долгогодишно професионално работно искуство од скоро 30 години можам да помогнам во развојот на Општина Виница. Поради природата на мојата работа имам влезено буквално во секој дом, во секој стан и во градот и во населените места и доволно ги знам проблемите со кои се соочуваат граѓаните а и нивните очекувања од локалната власт.
Член сум на Советот на Општина Виница и имав можност одблиску да ја следам работата на градоначалникот… Искрено не сум задоволен од неговата работа. Сметам дека може подобро. И мора подобро. Тоа не е само мое мислење, тоа е мислење и на граѓаните со кои секојднево се среќаваме. Затоа сакам да покажам и докажам дека не сме сите исти. Дека има луѓе кои се чесни и одговорни, на кои јавниот интерес е пред личниот интерес. Сакам да се врати довербата на граѓаните во институциите и во носителите на јавните функции. Да се врати надежда, дека може подобро и дека има иднина за младите генерации.
Каква е сликата во Виница сега?
За жал, сликата во Виница е многу полоша од пред 4 години. Локалните власти не ги извршуваат ниту нивните најосновни надлежности. Граѓаните секојдневно реагираат на наневременото и нередовно собирање на отпадот од домаќинствата, општинската депонија постојано гори и го загадува амбиенталниот воздух, нередовно се косат и одржуваат јавните површини во градот и урбаните населени места, голем дел од населените места имаат неисправна вода за пиење или сега во овој период се соочуваат со недостаток на вода итн.
Денес се уште во некои населени места нема водоводна и канализациона мрежа, нема основни услови за живот на граѓаните. Не можат да се градат нови индивидуални и стопански објекти затоа што нема урбанистички планови. Наспроти големите ветувања и проекти за подобар живот кои им беа ветени пред 4 години и од кои не видовме речиси никаква реализација, граѓаните на Општина Виница од оваа локална власт добија само големи разочарувања.
Во која насока би ја менувале Виница, кои проекти би ги спровеле ?
Да се биде градоначалник, значи да се работи за граѓаните. Тоа е мој предизвик. Моја oдговорност. Да покажам дека може поинаку. Општина Виница мора да биде инфраструктурно уредена и економски развиена. Да биде фокусирана кон младиот човек, отворена и солидарна. Општина Виница мора да остане дом на сегашните и идните генерации. Место на културата, другарувањето, спортот. Ќе направам сè општина Виница да биде место на среќни луѓе и пристојно место за живеење.
Малите и средните претпријатија и фирми да не ги кочиме, туку да ги помагаме и поттикнеме да ги зголемат своите капацитети, да се зголеми бројот на вработените. Да создадеме успешни приказни и примери кои ќе ги охрабрат младите на овие простори да отпочнат сопствен бизнис. Сакаме да живееме овде и својата среќа и иднина да ги градиме тука.
Како градоначалник во наредните 4 години ќе работам неуморно, за Виница да биде убаво и посакувано место за живеење, општина на среќни и задоволни граѓани, општина без корупција, економски моќна, уредена и чиста, вистински сервис на граѓаните, општина со која сите ние ќе се гордееме.
Но, за тоа ќе треба општината да ја поставиме на цврсти темели и плански да ја градиме. Решавањето на инфрастуктурните проблеми на граѓаните ќе биде мој приоритет. Ќе ги донесеме сите урбанистички планови за градот и населените места што е основа за идниот развој на општината. Ќе изградиме водоводна и канализациона мрежа онаму каде што сеуште нема. Ќе ја подобриме сообраќајната инфраструктура во градот и населените места, нема да дозволиме во денешно време да има неасфалтирани улици. Ќе ја подигнеме хигиената во градот на повисоко ниво. Ќе инвестираме во културата, спортот и образованието. Ќе создадеме поволни услови за домашните и странските инвеститори да инвестираат во нашата општина.
Градежното земјиште во сопственост на Република Македонија ќе го понудиме на продажба за изградба на индивидуални згради, колективни станбени згради и стопански комплекси. Ќе створиме подобри услови за работа и живот на сите затоа што Општина Виница е за сите луѓе.
Виница е позната по термалните води, тука е Плачковица, дали можеби имате план за развој на туризмот ?
Секако. Акцент во нашата програма ќе биде ставен на туризмот затоа што Општина Виница има голем потенцијал за развој на бањскиот и планинскиот туризам.
Во околината на село Истибања има големи количини на геотермални води кои не се доволно искористени. Претходната локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ донесе план за површина од 23,5 хектари за изградба на СПА комплекс во место викано Топлички рид во близина Истибања. Ќе преземеме конкретни мерки за промоција и привлекување на домашни и странски инвеститори за изградба на СПА центри, хотели, објекти за болничко лекување и спортски комплекси. Овој проект би бил од огромно значење не само за Општина Виница туку и за целиот регион.
На планината Плачковица во место викано Маринково ќе донесеме план за изградба на туристичка и викенд населба за изградба на викенд куќи и хотелски комплекси со што ќе се овозможи развој на планинскиот туризам а во иднина изградба и на ски центар.
Од кои начела ќе се водите во текот на работата како градоначалник ?
Многу едноставно. Ова се кличните елементи: ефикасност, отчетност чесност и транпарентност, отворена општина за сите граѓани.