Петстотини дадилки кои го положиле тестот за проверка на стручното знаење, добиле лиценца за работа, пренесува телевизија Сител.
Инаку со овој документ може да чуваат деца во домашни услови, а со издавањето на лиценцата министерството за труд и социјала гарантира за нивната психофизичка состојба.
-На овој начин со воведувањето лиценци се заштитуваат родителите од било какви злоупотреби, вели Дарка Петрушевска, државен советник во МТСП за детска заштита.
Бабите и дедовците кои ги чуваат внуците се во категоријата семејна грижа и за нив нема потреба од лиценца. Од друга страна агенциите за дадилки задолжително мора да ангажираат лиценцирани негователки. Законот за заштита на деца предвидува казни од 500-1000 евра ако бебиситерките немаат лиценца , а агенциите не водат евиденција за корисниците и за дадените услуги.
-За физичките лица малку е потешко да се направи контрола, зошто неможеме да влегуваме по домови, но ако има пријава тогаш ќе влеземе и ќе извршиле контрола, вели Петрушевска.
Министерството за труд и социјала издало и 2800 лиценци за директорите и вработените во градинките. И за нив важат истите критериуми како и за дадилките. Лиценците за физичките лица важат 5 години, а за да им се обнови задолжително мора да поминат 10 часа обука.