Легендарниот бек на каталонскиот фудбалски великан Барселона, 35-годишниот Жерар Пике, објави во четвртокот дека во сабота ќе го одигра својот последен натпревар на домашниот стадион „Камп Ноу“ во рамките на 13-то коло во шпанската Примера, против Алмерија, а тоа би требало да биде и неговиот последен меч во кариерата.
„Дојде времето да ви кажам дека стаса крајот на патувањето. Саботниот натпревар ќе ми биде последниот на Камп Ноу, а по Барса нема да играм за ниеден друг клуб. Ќе станам уште еден навивач и ќе се обидам да ја пренесам својата љубов кон Барса на својот син“, објави Пике во видеото поставено на Twitter.
Иако е роден во Барселона и ја мина нејзината славна фудбалска академија, Пике како 17-годишник својот прв професионален договор го потпиша со Манчестер Јунајтед и на „Олд Трафорд“ престојуваше сѐ до 2008 година кога се врати во Барселона за која настапуваше досега.
Со Манчестер Јунајтед во 2008 година ја освои титулата шампион на Англија и во Лигата на шампионите, додека потоа со Барселона освои осум титули првак на Шпанија, седум Шпански купови и три титули во Лигата на шампионите во 2009, 2011 и 2015 година. Во дресот на „Каталонската гордост“ одигра вкупно 396 натпревари.
За шпанската репрезентација Пике одигра 102 натпревари и во 2010 година стана светски првак, а во 2012 година и европски шампион.