Писонеро: ЕУ е загрижена дека измените во Кривичниот законик во Македонија може да влијаат врз случаите на корупција на високо ниво

Македонија се обврза да го промовира владеењето на правото и да се бори против неказнивоста и затоа, санкциите за корупциски активности мора да бидат ефективни, соодветни и разубедувачки, изјави за МИА портпаролката на Европската комисија задолжена за соседство, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро запрашана за коментар за Измените во Кривичниот законик.

-ЕУ со загриженост забележува дека некои од измените во Кривичниот законик усвоени во забрзана постапка од Собранието на Северна Македонија со кои се намалуваат максималните законски казни и се предизвикуваат импликации врз примената на принципот на застареноста, влијае врз голем број случаи на корупција на високо ниво, наведе Писонеро.

Таа додаде дека ЕУ изразува жалење поради недостигот на сеопфатни консултации со домашните фактори и со Европската комисија пред нивното усвојување, како и за употребата на процедурата со ЕУ знаменце, која треба да биде конзистентна и јасно поврзана со законите кои првенствено имаат за цел усогласување на националното право со законодавтвото на Унијата.

-Во овој контекст, зајакнувањето на довербата во правосудниот систем и несмалено справување со корупцијата, вклучително и преку солидно досие во истрагата, гонењето и конечното осудување на случаите на корупција на високо ниво е од клучно значење, нагласи Писонеро.

Портпаролката посочи и дека Европската комисија ќе продолжи да го следи развојот на владеењето на правото во земјава многу внимателно, вклучително и во контекст на пристапните преговори.

Евроамбасадорот Дејвид Гир вчера изјави дека промените на Кривичниот законик во моментот се разгледуваат во Брисел.

-Мислам дека тие во моментов се разгледуваат од нашите колеги во Брисел и верувам дека наскоро ќе има одговори на тоа прашање, изјави Гир во одговор на нобинарско прашање на Регионалниот форум „Родова еднаквост во пристапните процеси во ЕУ“.