Пиволенд 2017: Добра музика, студено пиво и гурмански деликатеси

Од 7 до 12 август на Скопското Кале по десетти пат ќе се одржи традиционалната манифестација – Гурмански викенд со пиво „Пиволенд 2017“.

– Посетителите и годинава ќе имаат можност да уживаат во добра музика, студено пиво и гурмански деликатеси. На годинешниов Пиволенд ќе има богата музичка порограма, ќе  настапат Ван Гог, Неверне Бебе, Сарс, Негатив, како и македонскиот рап состав САФ. За љубителите на фудбалот на 7 и на 8 август, со оглед на тоа што во истовреме се одржува Суперкупот, подготвени се повеќе содржини во кои ќе може да уживаат во навивачка атмосфера. Фестивалот е под покровителство на Градот Скопје и годинава за негова реализација од буџетот се издвоени 600.000 денари. Оваа година со одржувањето на Пиволенд всушност ќе започне и големата летна забава „СУПЕР СКОПЈЕ“, којашто ќе се одржи на повеќе локации низ градот Скопје. На 18 и на 19 август забавата ќе се организира на Кејот 13 Ноември, на 25 и на 26 август во Старата Скопска Чаршија, на 1 и на 2 септември на улица Македонија и на 8 и на 9 септември на Боемската улица во Дебар Маало. Притоа на сите овие 4 места, на 2 локации, секој петок и сабота во вечерните часови, жителите и посетителите на Скопје ќе можат да уживаат во добра музика, а во моментов се разговара со повеќе музички изведувачи и нивните имиња и датуми на настап ќе ги соопштуваме кога ќе имаме потврда за тоа. Сакам да напоменам дека Скопје за првпат ќе има ваква голема забава „СУПЕР СКОПЈЕ“, и сакам да најавам дека сакам да го направиме традиционален за сите граѓани коишто ќе останат во летниот период во Скопје  да уживаат во летната забава  – изјави градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на денешната прес-конференција.

Сандра Темова од Друштвото за угостителство, трговија и услуги ТЕМОВ ФШТ ДОО, Скопје, се заблагодари на поддршката од Градот Скопје на овој фестивал и потенцираше дека првиот Гурмански викенд со пиво – Пиволенд се одржа во 2008 година, а во 2009  година беше прогласен за најпосетен настан. Исто така, ги повика граѓаните на Скопје, како и сите љубители на пивото да дојдат на фестивалот и да уживаат  во околу 100 видови пиво и многу деликатеси.

Бидејќи се работи за јубилеен роденден на Пиволенд, се подготвуваат голем број изненадувања.

Дојди, Види, Испиј! 10 години Пиволенд!