Тестирањето на проектили кое Сверна Кореја го изведе на својот источен брег во вторникот претставува „соодветно предупредување“ за властите на Соединетите држави и Јужна Кореја, соопшти во средата службената севернокорејска новинска агенција KCNA.
Северна Кореја истрелала, според процените на јужнокорејската армија, две балистички ракети со кус дострел во раните утрински часови по локално време. Проектилите прелетале 450 километри пред да паднат во водите на Јапонското (Источното) Море. Ова беше четвртото лансирање за помалку од две седмици.
Агенцијата KCNA го цитира севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун кој истакнал дека „споменатата воена акција била можност да се испрати соодветно предупредување поради заедничката воена вежба којашто ја спроведуваат американските и јужнокорејските власти“.
Портпаролката на севернокорејското Министерство за надворешни работи во изјава за KCNA рекла дека тестовите се реакција на маневрите коишто во моментов ги изведуваат вооружените сили на САД и Јужна Кореја.
Пристигнувањето на американската нуклеарна подморница во јужнокорејско пристаниште ја принудило Северна Кореја да продолжи со развојот на вооружувањето. „Триковите“ со коишто се користат американските и јужнокорејските власти за да ја оправдаат веоната вежба не можат да ја прикријат нивната агресивна природа, се наведува уште во соопштението.
Резолуциите на Обединетите нации ѝ забранува на Северна Кореја да лансира балистички ракети, без разлика дали тие се со краток, среден или долг дострел.