Пјонгјанг предлага нови разговори по неуспешниот самит

Северна Кореја во петокот им предложи на САД нови разговори, ден по неуспешната средба на врвот меѓу севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун и американскиот претседател Доналд Трамп во виетнамската престолнина Ханој, бидејќи двете страни сакаат да ја остават отворена вратата, иако цврсто стојат на сопствените позиции.

Трамп и Ким долго патуваа и долго го подготуваат нивниот втор самит посветен на горливото прашање на денуклеаризацијата на Северна Кореја, но средбата беше нагло прекината, па двете страни заминаа без планираната заедничка изјава.

Секоја од страните сака на другата да ѝ ја припише одговорноста за прекинот. Доналд Трамп рече дека Пјонгјанг барал укинување на сите санкции воведени поради неговите забранети нуклеарна и балистичка програма. Северна Кореја, пак, објави дека барала „само делумно“ укинувања на санкциите. А,што беше сосема невообичаено, севернокорејскиот министер за надворешни работи Ри Јонг-хо повика неколку новинар за да ја изнесе својата верзија.

Во замена за ублажување на санкциите Пјонгјант предлага „затворање на сите свои постројки за нуклеарно производство“ во комплексот Јонгбјонг, рече севернокорејскиот министер за надворешни работи. Подобра понуда од оваа нема да има, предупреди Ри.

Кина, која е сојуник на Пјонгјанг, повика пак во петокот Обединетите нации да расправаат за делумното укинување на економските санкции под кои е Северна Кореја бидејќи подолг период оваа земја не спровела нуклеарен и балистички тест.

И покрај несогласувањето, службената севернокорејска новинска агенција KCNA истакна дека Ким и Трамп имале „многу конструктивен и искрен разговор“.

По враќањето во Вашингтон во петокот, американскиот претседател истакнал дека неговите врски со севернокорејскиот челник се „многу добри“. „Имавме вистински разговори за важните прашања со Ким Џонг-ун: знаеме што тие сакаат, а тие знаат што ние мораме да постигнеме“, истакна Трамп во објавата на Twitter.

Самитот во Ханој беше „успешен“, тврди од друга страна KCNA, додавајќи дека Ким на Трамп му предложил нова средба. Американскиот претседател, исто така, изрази надеж дека набрзо ќе го види севевернокорејскиот лидер, без да наведе други поединости.

„САД нестрпливо го очекуваат враќањето на преговарачката маса, за да ги продолжат разговорите кои на крајот ќе доведат до мир и стабилност“, изјави, пак, американскиот државен секретар Мајк Помпео во текот на неговата посета на Манила.