Договорот од понеделникот на министрите за енергетика на земјите членки на ЕУ за воведување на највисока цена на природниот гас, според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, е позитивен и за нашите домашни околности.
Тој во изјава за МИА вели дека до долгоочекуваниот договор дојде по неколку месеци преговори, а за Бислимоски одлуката е добар сигнал.
Според решението, механизмот за ограничување на цената на гасот ќе се активира кога цената на струјата ќе достигне 180 евра за мегават час и 35 евра над референтната цена на течниот гас за период од три последователни дена.
-Се надевам дека ќе влијае, имајќи предвид дека и во државата веќе цената за природниот гас ни зависи од цената на ТТФ берзата во Холандија, во најголем дел, 70-ина проценти, а 30 проценти е од нафтениот индекс. Значи, очекуваме дека со поставувањето на овој „price cap“ што ќе видиме како функционира и како ќе се имплементира, позитивно да влијае кај нас од аспект на намалување на цената на природниот гас – вели Бислимоски.
Бислимоски зеде учество на состанокот на 53-от Борд на регулатори на Енергетската заедница што се одржа во Атина, на кој се водела дискусија и за конкретната одлука.
-Од она што го слушнавме од нашиот колега од АЦЕР е дека тоа е еден посложен механизам и на нив им треба анализа за да видат конкретно како тоа би влијаело на крајната цена која што ја плаќаат потрошувачите, но сметам дека е добар сигнал, имајќи предвид дека и минатата недела и оваа недела цената на природниот гас на ТТФ берзата е намалена за околу 15-20 проценти, па да видиме дали тој тренд ќе продолжи и во јануари со цел да имаме малку од малку порелаксирана ситуација, додаде тој.