Платежната картичка на Владата во корона-кризата е придобивање на гласачите

Слаѓана Тасева, универзитетски професор, во своето гостување во емисијата „Што не е јасно“ на телевизијата Алфа зборуваше за платежните картички кои ги дава Владата за надминување на кризата со пандемијата каде истакна дека сето тоа добива димензија на популизам, односно придобивање одредени граѓани да гласаат за одредени политички политики, и оцени дека големиот број приговори за оваа мерка покажува дека Владата не била подготвена за неа.

„Сето тоа во некоја рака добива димензија на популизам која во предизборни услови може да се смета дека може да биде и придобивање на гласачи или граѓани кои би гласале за одредени политики или политички опции. И тука линија помеѓу предизборен поткуп и реално поддршка на граѓаните, кога зборуваме како овие прашања се уредени во законите таа линија е многу тенка. Владата со уредба ги стави вонсила одредени членови од законот за спречување на корупцијата значи одредба од законот за спречување на корупцијата конкретно од членот 34 со кој се забранува да се исплаќаат плати, пензии и други придонеси која што не е дел од редовните плати во време на изборна кампања“, рече меѓу другото  Тасева.

Додаде дека сега таа одредба е ставена вон сила, меѓутоа стапува на сила веднаш кога ќе престане вонредната состојба и мора да се води грижа, законите да се применуваат онака како што се напишани и како што треба за да се спречи секакво сомневање за предизборна корупција и на ова треба да внимава владата односно луќето кои што ги носат овие одлуки.

Тасева оцени дека големиот број приговори по издавањето на платежните картички од страна на Владата покажува дека нешто не било добро приготвено од страна на институциите, ниту, пак, имале доволно јасни информации за граѓаните.

„Очигледно е дека нешто не било добро подготвено во издавање на овие картички затоа што има информации дека многу голем број на граѓани преку 30.000 поднеле жалби односно приговори до Генералниот секретаријат, очигледно е дека тука нешто не било добро подготвено, дека ниту институциите не биле добро подготвени за една ваква операција, ниту, пак, биле доволно јасни и немало доволно информации за граѓаните да знаат и навреме да ги проверат своите информации. Граѓаните се тие кои има потреба да знаат, а министрите се тие кои сите мерки треба добро да ги објаснат уште на смиот почеток уште пред да се појават било какви сомнежи. Голем пропуст на оваа Влада беше што во носење на уредби не се спроведе задолжителната антикорупциска проверка на уредбите, односно дали тие носат во себа ризок од корупција.Многу работи се носени набрзина за да се одговори на потребите, но се одговара на потребите во услови на предизборие значи се настојува преку мерките да се придобијат граѓаните“, рече Тасева.