Платите во образованието до 2028 година ќе пораснат минимум 46%, почнуваме со покачување од октомвриската плата

Владата презема чекори за подобрување на животот на граѓаните во сите сфери и за таа цел, после опсежни преговори донесовме одлука да ги зголемиме платите на наставниците и професорите, и тоа: за 5% покачување почнувајќи од октомвриската плата којашто ќе биде исплатена во месец ноември оваа година, па се до февруарската плата којашто ќе биде исплатена во месец март 2025 година, посочи портпаролката на Владата, Марија Митева.

„Она што е важно да се напомене е одлуката на Владата да продолжи со континуиран раст на платите на образовниот кадар, па затоа се зазема став веќе во месец март 2025 година да имаме покачување на платите од 7%. Во 2026 година во месец март во зависност од состојбата на Буџетот да има покачување на платите помеѓу 7 и пол и 10%. Дополнително, во 2027 година, и тоа повторно во зависност од состојбата на буџетот, да има покачување на платите помеѓу 7 и пол и 10%, додека пак во март 2028 година покачувањето да биде помеѓу 10 и 12 и пол %.Со овој пристап Владата се обврзува на континуиран раст на платите на образовниот кадар кој во 2028-та година би достигнал раст од минимум 46% повисока плата за сите во образовниот кадар за разлика од онаа којашто ја земаат денеска, во зависност од тоа која скала ќе биде применета, а тоа повторувам повторно ќе зависи од приходната страна на Буџетот“, истакна таа.

Владата и Министерството за образование и наука продолжуваат со креирање на партнерски дијалог со СОНК со кој се зазема став дека најдоцна до месец февруари идната година ќе биде донесен и Колективниот договор согласно горенаведената методологија и врз основа на истиот ќе се предвидат и овие, но и сите останати отворени прашања.