Пленковиќ смета дека Милановиќ го урива надворешнополитичкиот кредибилитет на Хрватска

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ вчера оцени дека претседателот Зоран Милановиќ со своите изјави „го урива надворешнополитичкиот кредибилитет на Хрватска“.

Тој вака ја коментираше изјавата на Милановиќ дека „Крим повеќе нема да биде Украина“ поради која денес реагираше портпаролот на украинското министерство за надворешни работи Олег Николенко истакнувајќи дека хрватскиот претседател „го довел во прашање територијалниот интегритет на Украина“. „Тоа го сметаме за неприфатливо“, наведе Николенко, а пренесоа хрватските медиуми.

Пленковиќ на новинарите во Загреб им кажа дека „Украинците реагираат онака како што треба да се реагира“.

„Реагираат на оној кој во меѓународната заедница го урива нашиот надворешнополитички кредибилитет, а тоа е Милановиќ, кој изговара погрешни реченици“, истакна Пленковиќ.

Тој додаде дека Хрватска има одлични односи со Украина, а дека Милановиќ „изговара погрешни ставови и проценки“.

„Многу лошо, од лошо кон полошо. Но луѓето, за среќа, знаат кој е тој“, кажа Пленковиќ за Милановиќ, нарекувајќи го коментарот на хрватскиот претседател за Косово „небулозен“.

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ изјави вчера дека „Крим повеќе нема да биде Украина“ и дека „Косово е грабнато од Србија“.