Плукната слика и прилика

Досие Славјанка или како прeстанав да бидам говедо и станав „јанкосвињадебела

Имаше една британска серија која до ден денес е ненадмината во политичкиот хумор и сатира – Spitting Image – кој беше врв на таквиот хумор во светот, но еве во новото време на хистерични снегулки и таа повеќе не е подобна, дури ни кај нив. И не треба да ја знаете, и да ја гледате, нема да ја разберете, таа серија е со силен zeitgeist. Кај нас последно беше Еднооки.

Едно е политички хумор и сатира на која инсистирам (не дека сум совршен) но, внимавам никогаш да не биде лично (и за моите грешки сум се извинил и лично и јавно).

И не треба да се навредува било кој на тоа ниво. За изјава, гаф, политички став – не треба никој ама никој да поштедува било кого, дали е некој грд, дебел, слаб или нема вкус за облекување е чист нацизам.

Славјанка беше на тапет деновиве со пречекот во Обидентото Кралство, а шерно-бранителите и пушачите на власта беа дубоко увреџени. Со право. Невкусно беше.
Јас лично, направив циркус од протоколот, направив ремикс на една слика со хумористичен текст, ја ремиксував и беше смешно. Немаше лична навреда, немаше исмевање на личност туку на ситуација, важно е хумор и сатира-последниот доминион на демократијата.

Мене лично најНЕсмешна работа ми е Шарли Ебдо, до вулгарност се цинични и омаловажуваат, но се спремни да гинат – така треба. Не ги сакам, но им давам максимална поддршка затоа што во спортивност води кон нацизам и едноумие – ужас!

Но, истите оние кои ја бранат Славјанка, и со право, за исмевањето за нејзиниот физикус се истите оние кои мене ме прекрстија во „јанкосвињадебела“, на моите деца им се закануваа со сексуални деланија и ги нарекуваа со погрдни зборови, а најмногу мојата сопруга, која со крајно недолични атрибути јавно ја навредуваа.

Дечки, две лица, двојни аршини е дијагноза – се работи за различна перцепција на реалноста со различни филтри – има многу убава дијагноза – шизофренија – и барем на најнизок стадиум се дава Рисперидон. Ама, па и јас… со кој памет… солам наоколу…!?!?

Да е болест има тремани, има лекови има бели тапацирани соби, има советници и професионалци кои усмеруваат кон просветление или барем не-дистозирано согледување на светот околу себе, ама кај нас се работи за табиет, табиет на освета, злоба, да го омаловажиш и сите имаат добар изговор за тоа.

А, народот бил мрцварен, луѓето прогонувани, омаловажувани, едвај крпат крај со крај, многумина им починаа заради неспособноста и криминалот на оваа власт и ова е мала една сатисфакција да возвратат, да се охрабрат, да се спротистават… ги разбирам – но, НЕ одобрувам!

И Славјанка е мајка, и има и деца и роднини, и никој не знае какви емоции и колку добрина носи во домот и на блиските и тоа е светиња, но како личност на јавна функција – мора да биде свесна дека не е слезена од небо на ангелски крилја и се додека е дел од крииминогена каста – ќе биде колатерала, за жал.

ЗАСТАНУВАМ ВО ОДБРАНА НА СЛАВЈАНКА, НЕ ЗАСЛУЖУВА НИКОЈ ДА БИДЕ ЛИЧНО НАВРЕДУВАН ЗАРАДИ ИЗГЛЕД, НЕ ТОЛКУ РАДИ НЕГО САМИОТ, ТУКУ ЗАРАДИ БЛИЖНИТЕ – и да се пресече овој круг на злоба кој го овозможија социјалните мрежи.

Порано овие работи беа виц во некое запиено друштво и таму остануваше – сега е ударна вирална вест – е па не е добро, оти утре и вашите ќе страдаат. Честитате 8. Март, а ваму омаловажувате жена за изглед, не, не е ок. Мора да сме подобри од тоа, многу подобри.

Автор: Јанко Илковски за НетПрес