По дванаесет години надзор од Европската комисија дојде „историскиот ден за Грција и Грците“ кои свртуваат нова страница, објави во саботата премиерот Киријакос Мицотакис.
„Се затвора дванаесетгодишниот циклус кој им донесе болка на грчките граѓа, ја забави економијата и ги подели општеството. Пред нас е нов хоризонт на раст, единство и просперитет“, изјави Мицотакис.
Грчката влада во 2010 година, во моментите на тешка финансиска состојба во земјата, им се обрати за помош на Европската банка, Европската централна банка и на Меѓународниот монетарен фонд. Таканаречената „тројка“ во три наврата ја кредитираше Грција со 289 милијарди евра, покрај отпис на некој долгови, барајќи притоа строги мерки за штедење за да се подобрат јавните финансии и полнењето на банкротираната државна каса.
Грција ги укина небулозните повеќекратни плати над редовните дванаесет и разни стимулирања и високи парични награди, драстично ги намали пензиите и платите, го запре вработувањето во јавниот сектор, ги намали буџетите за управите, болниците и јавните органи.
Третиот круг од финансиската помош за Атина заврши во 2018 година, но Европската комисија тогаш го започна засилениот надзор над грчката економија поради контрола на доследното спроведување на реформите. Грција, исто така, се обврза дека до исплатувањето на долгот ќе го одржува буџетскиот суфицит од 3,5 отсто.
„Грција денес е една поинаква земја. Имаме силен раст и значителен пад на невработеноста од 3 отсто од минатата и 5 отсто во 2019 година“, рече Мицотакис.
Европската комисија за оваа година ѝ предвидува на Грција раст на бруто домашниот производ (БДП) од 4 отсто, додека еврозоната во просек ќе расне за 2,6 отсто.
Невработеноста во Грција и натаму е меѓу највисоките во еврозоната, минималната плата е најниска, а јавниот долг од 180 отсто и натаму претставува товар за стопанството и економијата на земјата.