Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски денеска им ги врачи признанијата на десетте најдобри полуматуранти биле избрани за првенци на генерацијата. Учениците покрај признанијата ќе добијат и парични награди од 9.000 денари.
Низ опуштен разговор со општинскиот татко, десетте првенци-полуматуранти му ги соопштија на Јакимовски своите планови за понатамошното школување, а тој им посака успех и изрази надеж дека и други институции ќе најдат начин да ги стимулираат нивните подеми во образованието.
– Се надевам дека за четири години од сега, повторно ќе бидете првенци на генерација во средните училишта што сте ги одбрале. Имајте на ум дека градоначалникот и Општина Карпош и понатаму се зад вас, да ги поткрепат вашите достигнувања и да ви помогнат полесно да го достигнете врвот кон кој се стремите – им порача Јакимовски на десетте најдобри полуматуранти.
Целта на одлуката на Советот на Општина Карпош да им се доделат на учениците парични награди и признанија е да се мотивираат најдобрите ученици. На тој начин, Општината, како општествено одговорна институција, го стимулира напредокот кај учениците и ги мотивира за учества на натпревари, конкурси и изложби на државно и меѓународно ниво.