Американскиот претприемач Џим Ерси за 6,18 милиони долари го купи победничкиот појас на боксерската легенда Мохамед Али (Касиус Клеј) кој го освои во 1974 година во мечот со Џорџ Форман наречен „Гужва во џунглата“ (Rumble in the Jungle).
Сопственикот на тимот Индијана Колтс, кој се натпреварува во НФЛ лигата (американски фудбал – рагби) ја објави информацијата за споменатото купување во порака на Twitter во неделата, велејќи дека е „горд што станал чувар“ на овој историски појас на Светскиот боксерски совет (WBC).
Притоа Ерси навести дека појасот можеби ќе го покаже на изложбата на својата колекција во август во Чикаго и во Индијанаполис во септември.
Претприемачот е познат како редовен учесник на аукции на интересни предмети. Поседува гитари кои им припаѓале на славните Елвис Присли, Џон Ленон и Принс, како и оригиналниот ракопис на „Водичот за анонимни алкохоличари“ кој го напишал Бил Вилсон во 1939 година.
Продажната цена на појасот кој во неделата ја одреди аукциската куќа Heritage Auctions, била меѓу највисоките платени за некој колекционерски предмет поврзан со спортот, пренесува Sports Collectors Daily.
Во споменатиот меч Али го победи дотогаш несовладаниот Форман во Киншаса во Заир, денес Демократска Република Конго, со нокаут во осмата рунда и ја освои светската титула во тешка категорија.
Мохамед Али, кој почина во 2016 година на 74-годишна возраст, ја носеше титулата во WBC верзијата до 1978 година, кога беше поразен од Леон Спинкс.