По хепатит Ц и хепатит Б во болницата во Штип

Освен со хепатитис Ц, во Штип се појавија случаи на заразаени и со хепатит Б. За само дваесетина дена откриени седум болни со хепатит Б и еден со хепатит Ц. Тие вирусот го имале во себе, а се откриени со предоперативни скрининг тестови што штипската болница од 1-ви септември, ги воведе како задолжителни.

Информацијата за Алфа ја потврди и директорот на штипската болница Ален Ѓеоргијев.

-Вирусот кај овие пациенти е откриен со предоперативни скрининг тестови, што штипската болница после првите шест случаи на заразени со Хепатит Ц, ги воведе како задолжителни. Пациентите не знале  дека се болни.Овие пациенти се хоспитализирани на хирургија и ортопедија. Ваквите скрининг тестови се единствен начин со кој ќе ги заштитиме останатите пациенти, но и нас како институција-изјави Ален Ѓеоргијев-дир. На КБ-Штип.

Во понеделник во штипската болница треба да пристигнат епидемиолози од Институтот за јавно здравје.Се коментира дека нивното доагање е задоцнето, ако се земе во предвид дека првите случаи на заразени со Хепатит Ц се регистрирани уште пред три месеци. Тие на своите колеги од Штип треба да им помогнат во утврдување на изворот на заразата, односно да потврдат дали овој вирус, кој се пренесува само преку крв почнал да се шири од Одделението за ортопедија или и тие го имале во себе без да знаат. Во текот на наредната недела најверојатно ќе биде готов и извештајот од вонредниот инспекциски надзор што го спроведоа инспектори од ДСЗИ.

Од јули до сега во штипскиот Центар за јавно здравје со хепатит Ц се регистрирани единаесет лица. Точна бројка за заболени од хепатит Б, надлежните не обелоденуваат, но се шпекулира дека се десетина.