Опозицијата освои мнозинство во парламентот на Кувајт на седмите општи избори за нешто повеќе од десет години, а меѓу избраните пратеници само една е жена, покажуваат резултатите објавени во средата.
Изборите се одржаа во вторникот, откако Уставниот суд во март ги поништи резултатите од минатогодишните избори на кои опозицијата оствари значително подобар резултат и го врати на должност парламентот избран на изборите во 2020 година.
Опозициските кандидати освоите 29 од 50-те мандати во парламентот, според резултатите кои ги пренесе службената кувајтска новинска агенција.
Според истиот извор, во парламентот е избрана само една жена, опозициската кандидатка Џанан Бушехри.
Составот на новиот парламент е многу случен на оној избран минатата година кој беше поништен. Своите места не успеаја да ги задржат само 12 пратеници.
„Денеска ја славиме победата на реформистичкиот пристап. Изборниот резултат е показател за свеста на кувајтскиот народ“, изјави за медиумите опозицискиот пратеник Адел ал-Данки.
Одѕивот на гласачите бил 50 отсто еден час пред затворањето на избирачките места. Минатата година изнесуваше 63 отсто.
Кувајт го воведе парламентарниот систем во 1962 година, а парламентот во последните 12 години беше распуштен 11 пати. Владата ја бира владејачкото семејство ал-Сабах.
Минатата година престолонаследникот Машаал ал-Ахмед ал-Сабах одлучи да го распушти тој состав на парламентот, поради незадоволство од неговата работа меѓу Кувајќаните. Според него, на домашната политичка сцена постојано се забележуваат обидите „да се задоволат личните интереси за сметка на нацијата“, што имало негативно влијание и врз развојните перспективи на земјата и врз односите меѓу извршната и законодавната власт.
Парламентот во Кувајт има поголемо влијание од сличните институции во монархиите во Персискиот залив, така што стабилноста на политичкиот систем традиционално зависи од тоа колку ефикасно соработуваат законодавната и извршната власт. Но последните години континуиран е судирот меѓу избраниот парламент и именуваната влада, што неколкупати беше причината за распуштање на законодавниот дом.
Поради несогласувањата со парламентот, кувајтската влада седум пати во трите последни години поднесуваше оставка. На 9-ти април годинава, мандаторот Ахмед Наваф ал-Ахмед ал-Сабах формираше нов кабинет чиј состав беше одобрен со декрет на принцот. Претходната влада поднесе оставка во јануари годинава, само три месеца откако беше формирана.