По изборниот пораз контроверзната финска премиерка Марин се повлече и од водството на партијата

Поранешната финска премиерка Сана Марин, која загуби на изборите во април, се повлече од функцијата претседател на Социјалдемократската партија во петокот, надевајќи се дека ќе го оттргне вниманието на јавноста од нејзиниот приватен живот по четирите турбулентни години на чело на партијата.

Марин, која ја објави својата намера да се повлече веднаш по нејзиниот изборен пораз, стана во тој момент најмладиот премиер на светот во 2019 година на 34-годишна возраст, привлекувајќи го глобалното внимание и помагајќи да се зајакне имиџот на Финска. Откако ја водеше земјата низ блокадите во текот на пандемијата на ковид-19 и економските тешкотии што следеа, Марин стана истакнат поддржувач за Украина по минатогодишната руска инвазија и стави крај на политиката на Финска на воено неврзување во корист на членството во НАТО.

Во петокот Марин последен пат претседаваше со партиското собрание, а во краток говор ги повтори своите антируски ставови и критики упатени против Русија, моќниот источен сосед на Финска.

„Русија и нејзините претставници мора да одговараат за нелегална агресија, воени злосторства и последиците од војната. Покрај стабилната поддршка на Финска за Украина и Украинците, ние исто така треба да испратиме силна порака за надеж за обновата на земјата, за европската иднина“, рече Марин.

Марин, кој сега има 37 години, се појави на насловните страници на списанијата Vogue и Time, има милион следбеници на социјалната мрежа Instagram, а обожавателите ширум светот ја гледаат како пример за таканаречените „прогресивни лидери“.

Сепак, загриженоста меѓу финските гласачи за егзистенцијалните прашања, како што се неконтролираната имиграцијата со губење на работните места и растечкиот јавен дефицит кој се одразува врз животниот стандард, доведоа до очкуваниот расплет десничарската Национална коалиција заедно со крајнодесничарската Партија на Финците да ја поразат Марин на изборите во април, чија влада потоа падна.

Таа се соочи со неколку скандали во текот на нејзиниот мандат, вклучително и излегување во ноќен клуб среде пандемијата кога остатокот од државате мораше да се придржува до строгото „затворање“, одржување приватни забави во официјалната резиденција и доброволно поднесување тестови за дрога, откако видеото од забавата кое посочуваше на такво однесување протече во медиумите.

Резултатот од тестот бил негативен, објави тогаш Марин, а им се извини на Финците кога се појави фотографијата од забава во премиерската крајбрежна резиденција со две познати инфлуенсерки, кои голите гради ги прекриле со натпис „Finland“.

Марин по поразот на изборите изјави дека се радува на помирен живот, а подоцна објави и дека се разведува од сопругот. Таа се заблагодари на толпата за поддршката откако во петокот излезе на сцената со нумерата „Respect“ на Арета Френклин.

Официјално треба да го предаде раководството подоцна во петок, откако социјалдемократите ќе изберат нов лидер. Марин ќе остане пратеник, а се ангажираше и како спикер во американска агенција.