По Колорадо и Мејн ја забрани кандидатурата на Трамп

По Колорадо, и сојузната држава Мејн му забрани на поранешниот претседател Доналд Трамп да се кандидира на претседателските избори во САД во ноември следната година.

Државната секретарка на Мејн, Шена Белоус од владејачката Демократска партија, му забрани на Трамп да учествува на предизборите на Републиканската партија, заклучувајќи дека Трамп наводно поттикнал немири кога „ширел лажни тврдења“ за кражбата на гласовите на изборите во 2020 година, а потоа ги повикал своите поддржувачи да маршираат кон Капитол. Белоус веднаш ја суспендираше својата одлука додека државниот Врховен суд не донесе одлука за ова прашање.

Одлуката уследи откако група поранешни пратеници во Мејн изјавија дека Трамп треба да биде дисквалификуван според одредбата од американскиот Устав со која им се забранува на луѓето да извршуваат функција доколку се вклучиле во „бунт“ откако дале заклетва во САД, а станува збор за одредба донесена пред речиси два века.

Одлуката на Белоус во Мејн, следи откако претходно демократското мнозинство судии во Врховниот суд во Колорадо пред една седмица го направи Трамп првиот претседателски кандидат во историјата на САД за кој се смета дека не е подобен за Белата куќа според ретко користената одредба од Уставот на САД, која им забранува на службениците кои учествувале во „побуна“ во извршување на функции.

Таа пресуда се смета за тест за пошироките напори на политичкиот неокознервативен и неолибераријански естаблишмент да се дисквалификува Трамп од државните гласачки ливчиња според член 3 од 14-тиот амандман, кој беше донесен по Граѓанската војна во САД пред повеќе од два века за да се спречат поддржувачите на Конфедерацијата да служат во владата.

Одлуката, која може да биде обжалена пред државниот суд, се однесува само на прелиминарни избори во март, но може да влијае и на позицијата на Трамп за општите избори во ноември. Тоа веројатно ќе го зголеми притисокот врз Врховниот суд на САД да ги реши прашањата за подобноста на Трамп на национално ниво според уставната одредба позната како Дел 3 од 14-тиот амандман.

„Не доаѓам до овој заклучок лесно. Демократијата е света… Свесна сум дека ниту еден државен секретар никогаш не лишил пристап до гласање на претседателски кандидат според третиот дел од Четиринаесеттиот амандман, дека ниту еден претседателски кандидат досега не учествувал во бунт“, рече Белоус.

Одлуката ја прави Мејн втората држава што го дисквалификува Трамп, откако Колорадо донесе одлука да го отстрани од гласачкото ливче на почетокот на овој месец. Пред Колорадо, неколку други држави, како Мичиген и Минесота, отфрлија слични напори.

Трамп вети дека ќе ја обжали пресудата од Колорадо до Врховниот суд и ги критикуваше изборите како „недемократски“. Републиканската партија Колорадо поднесе сопствена жалба до Врховниот суд во средата.

Претходно во средата Врховниот суд во американската сојузна држава Мичиген одби воопшто да ја разгледува петицијата на гласачи на Демократската партија кои сакаа да го дисквалификуваат Доналд Трамп од претседателските избори следната година поради неговата наводна улога во упадот на Капитол на 6-ти јануари 2021 година со кој неговите приврзаници сакаа да го спречат прогласувањето на победа на демократот Џо Бајден на претседателските избори за кои тие, како и самиот Трамп сѐ уште тврдат дека се украдени. Пресудата му дозволува на Трамп да остане на гласачкото ливче во Мичиген.

Одлуката на Врховниот суд на САД за случајот во Колорадо може да го реши проблемот на национално ниво.