По исполнување на сите правни услови за влегување во сила на конечната спогодба и уставните амандмани, Владата на Република Македонија, ќе го објави во Службен весник датумот на влегување во сила на уставните амандмани и уставниот закон. Ова го соопштија од Министерството за надворешни работи.
– Потоа, Република Северна Македонија и Грција ќе достават заедничко писмо до генералниот секретар на ООН, со кое го информираат Антонио Гутереш за датумот на влегување на сила на конечната спогодба. Со тоа се става крај на повеќедеценискиот билатерален спор меѓу двете земји. По ова, Република Северна Македонија на соодветен начин ги информира: секретаријатот на ООН, земјите-членки, земјите набљудувачи на ООН, како и сите останите меѓународни организации чија членка е, за настанатите промени – се наведува во соопштението.
Сето ова се очекува да се случи во следните неколку дена, за што, како што додаваат од Министерството, јавноста ќе биде навремено информирана.