Американскиот претседател Џо Бајден ја удри главата додека излегуваше од хеликоптерот по враќањето од сојузната држава Колорадо, објави во петокот пулот на новинарите акредитирани во Белата куќа.
„Тој (претседателот Бајден) ја удри главата во вратата додека излегуваше од хеликоптерот“, се наведува во соопштението, прецизирајќи дека инцидентот се случил на тревникот во Белата куќа каде што слетал претседателскиот хеликоптер.
Бајден се враќал од церемонијата на промоцијата на новата класа кадети на Академијата на воздухопловните сили во Колорадо, која исто така не мина без проблеми за претседателот на САД. Претходниот ден додека беше на бината, тој се сопна од вреќи со песок кои служеле за прицврстување на опремата користена на церемонијата и падна на бината. Првиот обид самиот да се подигне беше неуспешен, но брзо му помогнаа офицери и припадници на неговата Тајна служба.
Директорот за комуникации на Белата куќа, Боб Лаболт, подоцна изјави дека со претседателот „сѐ е во ред“, а медиумите пренесуваат дека самиот Бајден по инцидентот со хеликоптерот одејќи по Јужниот тревник на Белата куќа непокажувајќи знаци на повреда се шегувал со падот дека „го затрупале со вреќи со песок“.
Пренесуваат, исто така, дека 80-годишниот Бајден, кој е најстариот претседател во историјата на САД, непосредно пред падот се пошегувал на сметка на своите години, велејќи дека се пријавил за прием во воено-поморската академија „кога завршил средно училиште пред 300 години“.
Веста и снимките од новиот падот на Бајден брзо станаа вирални на социјалните мрежи, и веднаш предизвикаа повторни реакции на неговата возрасти и проблематизирање на неговите когнитивни способности, иако минатата година лекарот на Белата куќа објави дека наодите покажуваат дека претседателот е сосема способен неограничено да ја врши должноста.
Четири години помладиот поранешен претседател Доналд Трамп кого Бајден го победи на изборите во 2020-ра а многу е веројатно да се соочи и на изборите во 2024-та, веста за инцидентот на Бајден го затекна на митинг во сојузната држава Ајова во рамките на кампањата за добивање републиканска номинација на изборите.
Трамп, изразувајќи надежи дека неговиот лут политички ривал не е повреден рекол дека треба да се биде внимателен на тие бини, алудирајќи на своја слична епизода од 2020 година, кога на сличен настан на славната воена академија Вест Поинт се движеше бавно и претпазливо, што во медиумите беше пречекано со прашања за неговата здравствена состојба.
Во меѓувреме и кандидатот за претседателска номинација на Републиканската парија, гувернерот на Флорида Рон Десантис ја искористи приликата за политичко поентирање во однос на Бајден, во текот на предизборен настан во државата Њу Хемпшир.
„Се надеваме и му посакуваме на Џо Бајден брзо закрепнување од какви и да се повреди кои можеби ги претрпел.., но им посакуваме и на САД брзо да закрепнат од повредите што ги здобија поради политиките на Џо Бајден..“, рекол Десантис.