По пазарот за името, некој мислел дека датумот ќе дојде како подарок

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, се огласи на Фејсбук по прес конференцијата на премиерот Зоран Заев на која најави дека утре ќе предложи одржување предвремени парламентарни избори по недобивањето датум за почеток на преговори со ЕУ за што, како што рече премиерот, се чувствува разочаран и лут, но дека и чувствува одговорност да го консултира народот во кој правец да се движи земјата.

„Почитувани, на избори не сте победиле никогаш, нема ни сега, но овој пат народот ќе е помудар, нема да ви остави ниту мала шанса повторно да ја изиграте неговата воља“ пишува Димовски и наведува десетина точки каде, според него, не се остварија ветувањата на актуелната владина гарнитура:

  1. Оваа Влада се откажа од јасно дефинираните национални позиции (од сите претходни Влади и Претседатели на РМ) во врска со прашањето за името и идентитетот на македонскиот народ.
  2. Странците, ЕУ, Франција и било кој друг од страна не е крив за одлуката во Брисел бидејќи пазарот за промена на името СДСМ го направи пред да дојде на власт, за да дојде на власт, со сериозна поддршка од соседството и од надвор. Пазарот е исполнет, а во тој пазар датумот за ЕУ не бил дел, некој сонувал дека природно ќе дојде како поклон, а поклони во меѓународните односи нема.
  3. Промената на името не значеше и дозвола од странците за криминал, рекет, уцени, тендери…
  4. Меѓународната политика е сурова, најстрога. Таму не поминуваат фини изјави и приказни. Таму има конкретни правила на мерење на интересите. Оваа Влада појма нема за тоа, не видоа дека аплаузот секогаш трае 5 минути, а не цела вечност. Никој не смее да се прави удрен дека проблемите во ЕУ се од сега, тие се провлекуваат со години наназад. Барањето за реформи на ЕУ е старо повеќе од оваа Влада. Расположението за нови членки е најниско од било кога до сега. Оваа Влада мораше да го има тоа во сите калкулации пред да донесе крупни одлуки.
  5. Во Република Македонија нема антиевропска сериозна и организирана политичка структура. Тоа е добро. Желбата на СДСМ да го бутне ВМРО во тој правец нанесува огромна штета на македонските национални и државни интереси. Отвараат дилема кај нашите партнери дека половина од македонскиот народ не се за ЕУ, што е лага. ВМРО во ’90 година велеше дека Македонија треба да е дел од обединета Европа.
  6. Обидот на СДСМ да ја монополизира европската идеја (а беа против неа базично) беше само маркетиншки приод да се изгради бар некаков идентитет за партија раководена од луѓе на кои ништо не им значат идентитетските концепти. Немојте да мислите дека сериозните европски држави не ја гледаат и препознаваат идеолошката празнотија на раководство на СДСМ, бидејќи таа им е гарант дека тие се борат само за себе и својот интерес.
  7. Господа од СДСМ, сериозните држави од Европа ви го знаат криминалот, до запирка и точка. Тоа што ви молчеа до пред неколку месеци, не значи и дека ве одобруваа. Знаат повеќе од што можете да замислите. Немојте да се чудите.
  8. Судството и обвинителството си ги направивте ограноци на СДСМ. И тоа ви го знаат. И ви знаат кој судија и кој обвинител со кого од вас што прави и работи.
  9. Ги запревте сите инфраструктурни објекти и проекти. Во Македонија не се гради ништо.
  10. Ги запревте сите странски директни инвестиции, а денес се фалите со нивните економски резултати во извозот и вработувањата, како вие да сте ги донеле. Вие само критикувавте кога се отвараа, а три години не отворивте ниту една нова фабрика.
  11. Образование – три години нема еден единствен проект.
  12. Здравство – освен тендерите, се друго се распаѓа.
  13. За екологија ви беа полни устите пред да дојдете ва власт. Денес имате само 5.000.000 евра во буџет за таа намена. Повеќе трошите на бадеми и лешници.
  14. Го укинавте законот за финансирање на спортските клубови за што имате поплаки од втора лига исток до Меѓународниот олимписки комитет. Се правите наудрени.
  15. Вашите градоначалници се посебна приказна. Работа нула“, пишува Димовски.