По пожарот во битолскиот затвор, сите притворени се преместени во други затвори

Вработените во битолскиот затвор отпрво се обиделе сами да го изгасат пожарот, што избил вчера во притворското одделение, но не успеале, па веднаш ги евакуирале притворените лица – пишува Управата за извршување санкции во својата официјална информација за пожарот во битолскиот затвор.

На ден 11.07.2023 година во период околу 19 часот и 20 минути во КПУ Затвор Битола избил пожар во притворското одделение. Службените лица од КПУ Затвор Битола најпрво со ПП апарати се обиделе самите да го изгасат пожарот, но бидејќи не успеале веднаш почнале со евакуација на 18 притворени лица кон шеталиштето за притворени и повикале надворешно обезбедување-СВР Битола, противпожарна служба и брза помош. Пожарот бил за кратко време локализиран.

Дел од вработените лица биле упатени на превентивни прегледи во Клиничката болница во Битола, при што за среќа нема повредени притворени и вработени лица од Установата.

Сите притворени лица, согласно наредбите на надлежните судови биле преместени во други притворски одделенија во КПУ Затвор Скопје и во КПУ Затвор Охрид, со полициска асистенција.

Надлежните истражни органи дополнително ќе ги утврдуваат можните причинители за пожарот“ – се вели во соопштението на Управата.

Според неофицијални информации кои дојдоа до медиумите, пожарот бил намерно предизвикан од еден од притворениците.