По страшната трагедија што се случи на снимањето на филмот „Рѓа“, Алек Болдвин постојано повторувал дека не му е јасно зошто добил наполнет пиштол во рацете, пренесуваат медиумите во светот.
„Зошто добив наполнет пиштол во моите раце?!“, повторувал холивудскиот актер цело време по страшната трагедија на филмскиот сет, за време на која со пиштол ја уби директорката на фотографија Халина Хачинс и го повреди режисерот Хоел Соуза.
Хачинс почина кратко откако актерот ја застрела на ранчот Бонанза Крик во Ново Мексико, а режисерот на филмот Хоел Соуза беше примен во болница со повреди, по што беше пуштен на домашно лекување. Очевидци на трагедијата за американските медиуми изјавија дека Болдвин бил вознемирен по пукањето, и на почетокот не му било јасно што се случило.
Набргу потоа, светските медиуми постираа фотографии на кои 63-годишниот Болдвин телефонира пред полициската станица во солзи.
„Господинот Болдвин дојде доброволно да разговара со инспекторите и си замина откако разговараше со нив“, изјави Хуан Риос од Канцеларијата на шерифот за „Гардијан“.
Бројни познати актери и вработени во филмската индустрија се огласија на социјалните мрежи по трагичниот настан на снимањето на филмот „Рѓа“. Сите пишуваа дека смртта била апсолутно застрашувачка, а режисерот Џејмс Ган признал дека еден од неговите најголеми стравови бил некој да биде фатално повреден на неговиот сет.
Против актерот засега не е покренато обвинение, а во тек е полициска истрага и утврдување на сите околности.