Скандалот околу доделувањето на јавни набавки во Општина Струмица полека се проширува и добива нова димензија, пишува порталот „Курир“.
Во изминативе неколку месеци во јавноста беа обелоденети голем број на скандалозни договори за јавни набавки и доделување на тендери, кои градоначалникот на Општина Струмица и претседател на СДСМ Зоран Заев преку општината и нејзините институции ги склучувал со фирми од неговото потесно семејство, но и со фирмите на неговите ортаци и бизнис соработници.
Сепак, според документите до кои дојде редакцијата на „Курир“, преку овој систем за испумпување на народни пари не се офајдиле само фирмите на членовите од потесното семејство на Зоран Заев и неговите бизнис ортаци, туку сега, списокот со соучесници и добитници на овие тендери се проширува и со членови на високото партиско раководство на СДСМ.
Имено, фирмата Еволвинг ДОО од Скопје, чиј сопственик е Пеце Мирчески, кој важи за близок соработник на Зоран Заев, актуелен член на Извршниот Одбор на СДСМ и советник за внатрешна политика во кабинетот на поранешниот претседател на Македонија Бранко Црвенковски, во октомври 2011 и јуни 2012 година, во 7 наврати склучила договори за јавни набавки со Општина Струмица во вкупна вредност од 1.621.428 денари.
Еден од овие седум склучени договори бил наменет за изработка на елаборат за заштита на животната средина, додека останатите 6 договори, кои биле склучени на ист ден (11.06.2012), биле наменети за изработка на стратегиска оцена за влијанието врз животната средина.
Градоначалникот на Струмица и претседател на СДСМ Зоран Заев, во смислениот систем за испумпување на пари од општината, очигледно не ги вклучил само својот татко, чичко, стрина и братучеди, туку и свои сопартијци и блиски соработници.
Според ова, во доделувањето и распределбата на тендерите во општина Струмица веќе не станува збор само за добро осмислен семеен бизнис на Заев, туку и за семејно – политички бизнис преку кој се искористуваат парите на граѓаните на Општина Струмица.
Очигледно, најголемиот тендерски скандал во Македонија кој во изминативе месеци ја бранува македонската политичка сцена, станува се поголем и добива загрижувачки размери.