Првиот круг од локалните избори ВМРО-ДПМНЕ го заврши во вкупно 22 избрани градоначалници. Пет од нив се во големи скопски општини.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“ има избрано градоначалници во првиот круг во следниве скопски општини:
Александар Стојкоски е новиот градоначалник на Ѓорче Петров.
Жителите на Општина Аеродром му ја дадоа довербата на Тимчо Муцунски кој запиша убедлива победа со околу 10.000 гласови разлика.
Новиот градоначалник на Општина Кисела Вода е Орце Ѓорѓиевски.
Победа во прв круг запиша и Дарко Костовски во Општина Бутел.
На чело на Општина Гази Баба во следните четири години ќе биде Бобан Стефковски.
Победа во првиот круг вчера славеа и кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ во следниве општини: Сопиште, Виница, Зрновци, Петровец, Илинден, Штип, Карбинци, Свети Николе, Велес, Градско, Босилово, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Могила, Новаци, Јегуновце.
Што се однесува за Град Скопје, независниот кандидат Данела Арсовска која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ има голема предност пред противкандидатот од СДСМ, Петре Шилегов. Арсовска во првиот круг освои околу 8.000 гласови повеќе од Шилегов.
На вчерашната прес-конференција Арсовска им се заблагодари на сите кои ја поддржале истакнувајќи дека резултатот покажал дека е време за модерно Скопје, град со кој сите ќе се гордееме.
„Се покажа дека на скопјани им е преку глава од празни ветувања и политичари кои ветуваат, а ништо не остваруваат. На овие избори важно беше да се обединиме и да успееме да донесеме промени за подобро Скопје. Им честитам на освоените гласови на сите кандидати. Заедно ќе направиме Скопје да биде една слободна метропола и здружени сите заедно со една иста цел ќе успеме да го направиме Скопје подобро место за живеење“, нагласи Арсовска.
Додаде дека се покажало дека Скопје не смее да биде предмет на политика и ги повика сите да се обединат. Таа ги повика граѓаните во вториот круг да излезат уште помасовно на изборите.
Истовремено ВМРО-ДПМНЕ има и најмногу советници во Град Скопје.
Водство по првиот изборен круг партијата има во Македонски Брод, Зелениково, Чешиново Облешево, Кратово, Радовиш, Василево, Ново Село, Битола, Охрид, Кичево, Брвеница.
Инаку, од ВМРО-ДПМНЕ во понеделникот истакнаа дека оствариле победа над СДСМ со повеќе од 50 илјади гласа разлика и убедлива победа во советите.