Ирачкиот Парламент денеска го одобри новиот закон за избори, што беше клучно барање на демонстрантите со цел изборите да бидат поправични.
Сепак, како што јавуваат светските агенции, политичката блокада во земјата сè уште спречува да се реши прашањето за избор на привремен премиер, поради што на Ирак му се закануваат нови немири.
Новиот изборен закон ќе им овозможи на гласачите поединечно да избираат пратеници, а не преку партиски листи.
Со новиот изборен закон исто така ќе се овозможи секој пратеник да претставува одредена изборна единица, а не група пратеници да претставуваат цели покраини.
Покрај новиот изборен закон, демонстрантите бараа отстранување на целата политичка класа и именување независен премиер кој не е член на ниту една партија.
Во Ирак од 1 октомври се одржуваат масовни протести, а учесниците бараат промена на политичкиот систем затоа што сметаат дека е длабоко корумпиран и оти ги држи повеќето Ирачани во сиромаштија.
Во протестите досега се убиени повеќе од 450 луѓе.