Каталонската европратеничка 66-годишната Клара Понсати, по којашто во Шпанија беше распишана потерница со налог за апсење поради организирање на референдумот за независност во 2017 година, уапсена е во вторникот во каталонската престолнина Барселона каде што претходно во текот на денот допатувала со автомобил од соседна Франција, каде исто така има дел од Каталонија.
Понсати последните пет години живееше во Шкотска и во Белгија кои ги одбиваа барањата на Мадрид за екстрадиција на осудените и гонети каталонски политичари.
Откако со автомобил ја минала француско-шпанската граница, на којашто нема полиција бидејќи и двете земји се во зоната на Шенген, Понсати продолжила до Барселона каде што во центарот на градот, во просториите на здружението на каталонските новинари одржа прес-конференција.
Истакна притоа дека не се вратила во Каталонија, првпат по неуспешниот обид за стекнување независност, за да се спогоди со државата Шпанија, туку за да ѝ го покаже образот, а каталонските институции ги критикуваше поради пасивноста кога станува збор за „системското кршење на правата на Каталонците“. Додаде и дека сака да ѝ покаже на Европската унија којашто „ја врти главата од каталонското прашање“.
Понсати од 2018 година предаваше економија на универзитет во Шкотска, а од 2020 година беше избрана пратеничка во Европскиот парламент.
Каталонската полиција ја привела на улица додека се шетала придружувана од својот адвокат, врз основа на налогот за апсење распишан од Врховниот суд во Мадрид. Пред тој суд беа судени и другите организатори на референдумот за независност на Каталонија пред повеќе од пет години и прогласувањето независност во покраинскиот парламент. Понсати во времето на референдумот беше задолжена за образованието во каталонската покраинска влада.
Шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка изјави во вторникот во Мадрид за новинарите при излегувањето од зградата на парламентот, дека судот ќе одлучи за натамошните потези во врска со случајот на Понсати.
„Ќе видиме како Врховниот суд ќе се однесе кон моето враќање. Сѐ уште е неизвесно што ќе се случи“, изјави Понсати на конференцијата за медиуми пред да биде уапсена.
Понсати решила да се врати во татковината два месеца откако шпанскиот Врховен суд, по реформите на законот ја отфрли точката од обвинението која вклучуваше бунт. Таа сега е обвинета за оглушување на законите и наредбите, бидејќи додека беше членка на регионалната влада, не се однесуваше според наредбата на Уставниот суд за запирање на организирањето на референдумот.
Понсати е една од петте каталонски политичари заговорници на независноста и организатори на забранетиот референдум кои странските држави ѝ ги предаде на Шпанија. Поранешниот претседател на каталонската влада Карлес Пуџдемон, кои исто така е пратеник во Европскиот парламент, и натаму престојува во Белгија но често патува и во други земји членки на Европската унија.
Тие по референдумот од октомври 2017 година кој го забрани Уставниот суд во Мадрид и на кој интервенираше шпанската полиција, во парламентот прогласија независност на Република Каталонија. Но таа независност не се оствари, а шпанската влада привремено го презема директната контрола и управувањето со Каталонија, а петмината членови на каталонската влада пребегаа во странство од каде продолжија со политичките барања за организирање нов договорен референдум.
Каталонија, североисточната автономна покраина со 7,8 милиони жители која создава околу третината од шпанскиот бруто домашен производ (БДП, има своја влада, парламент и полиција а населението според последните анкети се поделени по прашањето на целосна независност. Во последниот период има поделби и во движењето за независност. Пуџдемон заговара промена на прогласената независност, додека актуелниот претседател на каталонската влада Пере Арагонес тврди дека е потребно за тоа да се разговара со шпанската влада. Владата во Мадрид, предводена од социјалистот Педро Санчез, повторува дека референдумот за независност на која и да е покраина не е во согласност со Уставот на Шпанија.