Почесното Рациново признание постхумно доделено на Предраг Матвеевиќ

Комисијата од стручни соработници за доделување на наградата “Почесно Рациново признание” за 2017 година во состав проф. д-р. Јелена Лужина и проф. д-р. Људмил Спасов, одлучи наградата “Почесно Рациново признание” за особени заслуги во афирмација и промоција на македонскиот јазик, книжевност и култура постхумно да му ја додели на Предраг Матвеевиќ од Хрватска, истакнат универзитетски професор и шеф на катедри на три респективни универзитети, загрепскиот, париската Сорбона и римската Ла Сапиенца.

„Предраг Матвеевиќ, како визитинг професор предавал на дваесеттина европски и американски универзитети. Бил доживотен почесен подпретседатл на светскиот ПЕН. Добитник е на педесеттина најпрестижни европски награди и носител е на некои од највисоките одликувања како што е офицер на Легијата на честа во Франција, на највисоко италијанско државно признание. Тој објавил петнаесеттина авторски книги напишани на хрватски јазик и уште пет-шест на француски јазик. Во неговиот ’Медитерански бревијар’, преведен на дваесет и четири јазици и само во Италија продаден во три стотини илјади примероци, Македонија се „провлекува” како една од најемотивните референци. Матвеевиќ од 2009 година до неговата смрт пред четири месеци, беше член на МАНУ“, рече д-р Лужина на денешното соопштување на одлуката за наградата.

 

Матвееви е хуманист, полиглот, идеалист кој доживотно ги застапуваше постулатите за братство, еднаквост и слобода, левичар од автентична Рациновска провениенција, граѓанин на светот, докажан пријател на Македонија.

 

„Предраг Матвеевиќ почина пред нецели четири месеци. Му благодариме на организацискиот тим на манифестацијата Рацинови средби што го прифати нашиот предлог за Почесното Рациново признание. Жалам што Предраг Матвеевиќ не може да ја прими оваа награда. Неговото семејство ме овласти да пренесам дека нему, сега каде и да се наоѓа, му е многу драго поради овој чин”, додаде проф. Лужина.

 

Таа додаде дека годинешниот лауреат на Почесното Рациново признание, исто така, бил заслужен за спасувањето на македонскиот поет Јован Котески од затворската казна долга пет години.

Наградата „Почесно Рациново признание” се состои од плакета и вредна уметничка слика и ќе биде врачена на свеченото затворање на 54-тите „Рацинови средби” на 10 јуни во Велес.