
Утрово во болница почина 16-годишното момче кое беше застрелано во глава од грчката полиција, откако наводно се оддалечило од бензинска пумпа без да плати сметка од 20 евра за гориво. Убиството на тинејџерот предизвика насилни протести, при што ромската заедница изјави дека неговата етничка припадност била причината.
Момчето било во критична состојба по итната операција после инцидентот минатиот понеделник. Болницата во Солун соопшти дека момчето починало утрово и покрај „неуморните напори“. Министерот за цивилна заштита, Такис Теодорикакос, кој ја предводи грчката полиција, на Твитер ја изрази својата „длабока тага поради смртта на 16-годишното момче“ и изрази сочувство до семејството на тинејџерот.
„Овде сите плачат. Неправедно е детето да си оди вака. Чувствуваме голема болка“, вели Андонис Тасиос, секретар на ромската заедница каде што живеело момчето. 34-годишниот полицаец доби кривична пријава за обид за убиство од небрежност и незаконско пукање од пиштол. Околу 200 лица од ромската заедница во петокот протестираа пред судот, кога полицаецот се појави на рочиштето.
„Не станува збор за бензин или за пари, пукаа полицајците затоа што беше Ром“, скандираа демонстрантите. Некои запалија и банкноти од 20 евра, колку што момчето требало да плати. Насилните протести се проширија од Солун до Атина и другите градови. За време на протестот биле запалени возила, рушени барикади и фрлани молотови коктели кон интервентната полиција.
Тинејџерот, кој официјално не е идентификуван, наводно без да плати, со својот пикап се оддалечил од бензинската пумпа и бил бркан од полицајци на мотори.
Уапсениот полицаец пред судот изјавил дека пукал откако момчето три пати се обидело да го собори од мотоциклот и дека се плашел за животите на своите колеги, пишува Sky News.