Почина македонската пејачка Марина Пухариќ

Во петокот 19.2.2021 година, на 66-годишна возраст почина македонската пејачката Марина Пухариќ (1954-2021), која ќе остане запаметена по одличните изведби на забавни и традиционални македонски песни.

Марина Пухариќ е пејачка на народна, староградска и забавна македонска музика. Ќе останат запаметени нејзините композиции: „Мојот разбој“, „Мојот сон “, интерпретациите на традиционалните песни: „Зошто ми се срдиш либе“, „Дали го видовте“, „Кажи Анѓо, кажи душо“,  како и песните од забавната музика: „Си одиш ти од мене“ „Есенска елегија“, „Биди насмеан“,  „Помина време“.

Има соработувано со композиторите Љубомир Бранѓолица, Ванчо Димитров, Јанко Узунов… Беше дел од групата „Македонија“,  како и од женската пејачка група „Сирма“. Талентот го имаше наследено од својата тетка, Нина Спирова.

Целиот свој работен стаж, Марина Пухариќ освен во музиката, го посвети и како наставничка по предметите физика и хемија.

Посмртните останки на Марина Пухариќ ќе бидат изложени утре во капелата на гробишта во Бутел од 13:30 до 14:00 часот.