Во понеделникот почина познатиот шведски фудбалски стручњак Свен Горан Ериксон, кој беше прв странски селектор на англиската фудбалска репрезентација, соопшти неговиот претставник.
Седумдесет ишестгодишнио Ериксон починал опкружен со семејството во родниот град Суне. Во јануари објави дека боледува од рак на панкреасот, кој е во напредна фаза и е неизлечив.
Харизматичниот тренер своите први тренерски успеси ги постигна на клупата на Гетеборг, со кој го освои Купот на Шведска во 1979 и 1982 година, но пошироката популарност стекна во 1982 година со освојувањето на Купот на УЕФА.
Тоа му овозможи истата година да ја преземе лисабонската Бенфика со која ја освоил шампионската титула на Португалија, домашниот Куп, а во 1983 година стигна до финалето на Купот на УЕФА. Потоа се пресели во Рома на три години, со која го освои Купот на Италија (1986) и заврши на второто место во Серија А.
Откако две сезони ја водеше Фиорентина, Ериксон се врати во Бенфика, со која стигна до финалето на Купот на шампионите во 1990 година, каде неговиот тим беше поразен од Милан (0:1). Уште еднаш го освои португалскиот шампионат (1991), а потоа се врати во италијанската Серија А. На клупата на Сампдорија мина пет сезони со која освои еден Куп на Италија (1994), а потоа четири години го водеше Лацио.
Тоа беше најплодниот период во неговата кариера, бидејќи на Лацио му ја донесе титулата во италијанскиот шампионат (2000), два домашни купа (1998 и 2000 година), Купот на европските победници (1999) и европскиот Суперкуп (2000).
Овие резултати му го донесоа најистакнатото тренерско назначување, кога во 2001 година стана првиот странец кому му беше доверено раководството на англиската репрезентација, во чиј состав во тоа време беа ѕвездите Дејвид Бекам, Пол Сколс, Френк Лампард, Вејн Руни и Стивен Џерард.
Сепак, Англија под негово водство не успеа да ја мине четвртфиналната пречка на големите натпреварувања. На СП 2002 Англија беше елиминирана од Бразил, на ЕП 2004 загуби од Португалија во четвртфиналето по изведување пенали, а на ист начин беа елиминирани од истата репрезентација и во четвртфиналето на Светското првенство во Германија во 2006 година.
Ериксон потоа имаше неуспешни епизоди на клупата на Манчестер Сити, репрезентациите на Мексико и Брегот на слоновата коска и Лестер Сити, пред да ги помине последните пет сезони од својата тренерска кариера водејќи ги кинеските клубови Гуангжу Сити, Шангај СИПГ и Шенжен ФК. Последен тренерски ангажман му беше како селектор на филипинската репрезентација, а во периодот од октомври 2018 до јануари 2019 година ја водеше на десет натпревари.
Во март оваа година му се исполни желбата да седне на клупата на Ливерпул и тој го предводеше тимот на легендите на Ливерпул против легендите на Ајакс во хуманитарен натпревар одигран на „Енфилд“.