Починал секој трет пациент кој влегол во болница со Ковид-19, болните со други болести се снаоѓаат кој како знае

Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 1.161 случај на заразени со ковид-19, со што бројката на активни случаи во државава се искачи на 21.797. Сепак, според надлежните, болниците располагаат со слободни кревети, а од ресорното Министерство уверуваат дека се во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Податоците на Министерството за здравство покажуваат дека во болниците низ државата вкупно се лекуваат 1.340 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Потенцираат дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.

Доктор Дејан Трајковски, пак, сподели дека статистиката покажува дека од вкупниот број на дијагностицирани пред 14 дена умреле 3,50%. Но, од сите коишто влегле во болниците пред 14 дена (просечното време на болничко лекување) до денес умреле вртоглави 34,8%! Поточно, од сите дијагностицирани 9,3% стигнале до болница, а од тие коишто влегле во болница 34,8% (секој трет) починале.

-Во меѓувреме нашите здравствени власти ги прошируваат болничките капацитети (каде што ќе умира секој трет), наместо да го сопрат разболувањето, страдањето и умирањето. Ама ете, процениле дека лекувањето и умирањето биле поевтината варијанта. А народ како народ, им верува, па дури и се радува што не мора да се лишува од довчерашните хедонистички навики и мисли дека умирањето им се случува само на некои други, коментира тој.