Почнаа директните летови меѓу Скопје и Берлин

Граѓаните на Македонија, но и тие од регионот, отсега ќе имаат можност да патуваат до Берлин со директен лет. Во термините во понеделник и во петок, главниот град Скопје ќе биде поврзан со една од најпопуларните европски дестинации. Полетувањето во првиот ден од неделата е во 21 часот додека непосредно пред викендот од „Александар Велики“ ќе се поаѓа во 18.30. Летот трае околу 150 минути. Почетната цена на билет во еден правец е 89 евра.

„Воспоставувањето на оваа нова дестинација е во рамки на стратегијата на ТАВ за зголемување на бројот на директни летови кон големите центри во Европа. Авиокомпанијата „Германија“ и воздушниот оператор „Ер Приштина“ на македонските граѓани кои живеат и работат надвор од земјава ќе им обезбедат уште една можност за почесто да ги посетат своите семејства, но и на туристите и на бизнисмените ќе им овозможи полесен пристап до Македонија“, вели Зоран Крстевски, генерален директор на операторот на домашните аеродроми во Скопје и Охрид, „ТАВ Македонија“.

Лејла Ибрахими Салахи, претседател и извршен директор на „Ер Приштина“ го нагласува значењето на фактот што тие на своја страна имаат реномиран партнер како „Германија”.

„Поволните билети, сигурноста и високите стандарди за квалитет, како и пријателските и професионални членови на екипажот се темел на нашиот успех и даваат гаранција дека ќе обезбедиме водечка позиција на пазарот која може да продолжи и да се прошири“, истакнува Салахи.

 

Главниот комерцијален директор на централната канцеларија на „Германија”, Павел Оливер,  вели дека воздушниот оператор „Ер Приштина” е еден од лидерите во иновацијата кога е во прашање ваков тип воздушен сообраќај од Република Германија до Балканот.

„Ние сме многу задоволни што можеме да Ви понудиме успешна директна врска од Скопје до Берлин. Германскиот главен град е едно од најатрактивните места во Европа и омилена и популарна дестинација за совршен краток одмор  или викенд“, вели Оливер.

Билетите за летовите од Скопје до Берлин и обратно се достапни на интернет на страниците www.airprishtina.com и на www.flygermania.de, телефонски на  ++ 49 1805 737 100, како и во туристичките агенции. Сите цени се со вклучени даноци и такси според законите за воздушен сообраќај.

Воздушниот оператор „Ер Приштинa” е водечки оператор на авиолетови со висок квалитет и ниски цени во Косово и во Македонија што постои три децении. Авиокомпанијата „Германија” со седиште во Берлин опслужува три авиопревозници за линии до дестинации во Европа, Блискиот Исток, како и чартер-летови за туристички оператори до места во Европа, Северна Африка, но и за наем за други авиокомпании. Мрежата моментно опфаќа повеќе од 50 меѓународни дестинации. „Германија” располага со десет авиони Боинг 737, осум Ербас A319 и еден Ербас A321.