Почнаа вежбите на НАТО за безбедност на источното крило

Полските вооружени сили соопштија дека денеска почнаа воените вежби во кои учествуваат илјадници војници на НАТО. Станува збор за редовни вежби кои имаат за цел да ја подобрат безбедноста на источното крило на Алијансата, но годинава се одржуваат во време кога во соседството беснее руската војна против Украина.

Поради тие околности полската армија денеска апелираше до јавноста да не објавува информации или слики за колоните воени возила што се очекува да се движат низ земјата во наредните недели.

Министерството предупреди дека „непромислената активност“ може да ја оштети безбедноста на Алијансата.

Армијата објави дека 18.000 војници од повеќе од 20 земји ќе учествуваат во вежбите „Бранител на Европа 2022“ и „Брз одговор 2022“, што се одржуват во Полска и во уште осум земји. Вежбите ќе траат до 27 мај.