Од денеска до 26 ноември ќе се одржи 13-то издание на Меѓународниот филмски фестивал за анимирани филмови „Анимакс Скопје фест“ во Кинотека. Ќе бидат прикажани 39 куси анимирани филмови во официјалната програма и 8 анимирани филмови, наменети за детската публика.
„Анимакс Скопје фест“ е прв фестивал на анимиран филм во државата. Филмовите за официјална конкуренција се избрани од пријавениот рекорден број анимации, меѓу кои најголем број од Франција, Велика Британија, Германија, Шпанија, Русија, Кина, Бразил и од Унгарија.
– Кога растев, мојот татко во една прилика ми рече: „Не ми е целта да те научам да бидеш успешен и богат. Само сакам да бидеш добар човек“. Тогаш не ми беше сосема јасно што сака да ми каже, но денес знам. Без такви добри луѓе, 13-то издание на „Анимакс“, немаше да се случи. Трпеливо ја чекаме поддршката од Агенцијата за Филм на СРМ, а на Град Скопје и на Кинотека на Северна Македонија од срце им благодарам за поддршката на првиот фестивал за анимиран филм во Македонија, „Анимакс Скопје фест“ – рече директорот на Фестивалот, Кузман Кузмановски.
Оваа година жирито го сочинуваат: директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, уметницата Сашка Андреевска и историчарот на уметност Горјан Гишев. Голем број од филмовите кои ќе бидат прикажани на фестивалот се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија.
Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите почнува денеска во 19.30 часот. Проекциите на филмови за деца ќе се одржат на в сабота со почеток во 12.00 и 14.00 часот. Публиката ќе има можност да гласа за најдобриот анимиран филм за деца и да го одбере победникот. Влезот во Кинотека за сите проекции на „Анимакс Скопје фест“ е бесплатен.
– Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот – велат од „Анимакс Скопје фест“.