Почнува Берлиналето со политички фокус на Украина и Иран

Берлинскиот филмски фестивал започнува во четврток со проекција на комедијата во која главните улоги ги толкуваат Ен Хатавеј, Мариса Томеи и Питер Динклиџ, пред преполната програма изразено политички фокусирана на Иран и Украина.

По две години ограничувања поради пандемијата, Берлинале се враќа во вообичаениот формат во своето 73-то издание. Од 16 до 26 февруари на програмата се околу 300 филмови

Берлиналето, кое традиционално го има најсилниот политички фокус од трите големи европски филмски фестивали, ќе ја одбележи првата годишнина од руската инвазија и протестите против режимот во Иран со нови играни и документарни филмови. Планирани се и голем број специјални настани, вклучувајќи панел дискусии и протести на црвениот тепих во знак на „солидарност со народот“ на Иран и Украина.

Уметничкиот директор на фестивалот Карло Чатријан изјви дека Берлиналето ќе биде прослава на „каталитичкиот и револуционерен поим за кинематографијата што обединува дури и кога дели“.

Холивудскиот актер Шон Пен, кој беше во Киев на почетокот на руската инвазија, ќе го претстави филмот „Superpower“, кој ја следи трансформацијата на Володимир Зеленски „од комичар во претседател и воен херој“.

„Зеленски беше две сосема различни суштества од денеска до утре“, изјави двократниот оскаровец за списанието Variety оваа седмица.

Се очекува украинскиот челник да се обрати на фестивалот преку видео врска. Берлинале им забрани учество на филмаџии, компании и новинари за коишто оцени дека наводно имаат „директни врски“ со руската или иранската влада.

Филмот „She Came to Me“ на американската режисерка Ребека Милер, за њујоршкиот композитор кој го толквуа Питер Динклиџ, кој се бори со недостиг од инспирација, ќе биде првиот од речиси 300-те нови филмови од целиот свет коишто ќе бидат прикажани во текот на 11-дневниот фестивал. .

Француско-иранскиот актер Голшифте Фарахани („Paterson“) ќе биде член на жирито за главните награди – Златна и Сребрена мечка, предводено од холивудската ѕвезда Кристен Стјуарт, која на 32-годишна возраст е најмладиот претседател во историјата на фестивалот.

Деветнаесет филмови ќе се натпреваруваат за главните награди, меѓу кои и британско-американската копродукција „Manodrome“ со Џеси Ајзенберг и Адриен Броди во трилерот за возач на „Uber“ кој го чека своето прво дете и е намамен во култ.

Во трката ќе се приклучат и два азиски анимирани филмови, на Кинезот Лиу Џиан „Art College 1994“ и на Макото Шинкаи „Suzume“, првото јапонско аниме кое се натпреваруваше на Берлинале по филмот на Мијазаки, „Spirited Away“ ја освои Златната мечка во 2002 година.

 

Златна мечка за Спилберг

Трикратниот оскаровец Стивен Спилберг треба да ја прими почесната Златна мечка за животно дело во германската престолнина.

Британската актерка Хелен Мирен премиерно ќе ја прикаже со нетрпение очекуваната „Golduа“ во која ја игра единствената жена премиер на Израел во историјата, Голда Меир.

А Вики Крипс, актерката родена во Луксембург која глумеше во „Phantom Thread“ и „Corsage“, сега ја глуми познатата австриска писателка Ингеборг Бахман во биографскиот филм на германската режисерка Маргарета фон Трот.

Третина од филмовите во конкуренција се направени од жени, кои сочинуваат 40 отсто од сите режисери претставени на фестивалот.

„Love to Love You“, документарниот филм за диско кралицата Дона Самер која дефинираше една ера на подиумот и го инспирираше последниот албум на Бијонсе – „Renaissance“, во Берлин ќе ја има својата светска премиера. Филмот е ко-режиран од нејзината ќерка Бруклин Судано и содржи досега невидени домашни видеа.

Берлинале се рангира со Кан и Венеција меѓу најдобрите европски филмски фестивали. Наградите ќе бидат врачени на гала церемонијата на 25-ти февруари, а следниот ден ќе го завршат со повторени проекции на популарни филмови од годинешната програма.