Започна почнува натпреварот во блогирање „Кажи нешто“ за сите средношколци во Македонија. „Кажи нешто“ е партнерски проект на Фондацијата „е-Македонија“ и Здружението за едукација, комуникација и консалтинг „ОХО“ и има за цел да ги поттикне младите луѓе во Македонија да ги употребуваат новите информатички технологии на практичен начин и да се изразат креативно преку музика, видео, фотографија или пишување.
Натпреварот, кој што започнува денеска, ќе трае до 30-ти април следната година. Сите заинтересирани треба да се регистрираат на веб страната www.kazinesto.org.mk која ќе служи и како блог агрегатор. На истата страница учесниците ќе можат да најдат и упатство за блогирање, чиј автор е познатиот блогер Дарко Булдиоски.
Право на учество имаат сите ученици од 14 до 18 години од средните училишта во Македонија. Блог може да пријави ученик-поединец или тим до пет ученици. На натпреварот може да учествуваат и средношколци со веќе постоечки блогови, доколку се регистрираат.
Секое училиште може да пријави неограничен број на учесници кои ќе учествуваат во натпреварот преку создавање на написи или други изразни средства со кои ќе ги искажат своите идеи и ставови на зададените теми.
Учесниците ќе може да креират блогови на следните две теми: „Кажи ТЕХНОЛОГИЈА“, која ги покрива подкатегориите: живот онлајн, хакеризам, мобилен интернет, мобилни апликации и „Кажи СТИЛ“ со подкатегориите: љубов, култура, спорт и зелен.
Најдобрите блогови ќе бидат оценети согласно утврдените критериуми од страна на стручно жири. Најдобрите три блога ќе бидат наградени по завршувањето на натпреварот, во мај 2014, кога ќе се одржи финален настан за прогласување на победниците.
„Иако ова е прв натпревар во блогирање во Македонија, очекуваме голем интерес од средношколците, зашто блогирањето е многу популарно и е најавтентична форма на изразување на интернет, особено кај младите. Идејата ни е да ги поттикнеме да се изразат креативно и да ги прошириме нивните видици за тоа што се може да се направи преку интернет. Ги повикувам да земат што поголемо учество и да се забавуваат“, изјави Радмила Јончевска, директор на фондацијата „е-Македонија“.
„Нашата организација има долгогодишно искуство во креирањето на едукативни програми кои имаат за цел да ги анимираат учениците да ја изразат својата креативност и воедно да промовираат одредени општествени вредности. Нашата пракса е да создадеме простор или платформа во која учениците ќе можат самостојно да го изразат својот креативен потенцијал. Веруваме дека и преку проектот „Кажи нешто“ средношколците ке покажат иновативни идеи за афирмативно користење на интернетот и современите комуникациски технологии“, изјави Пеце Талески, извршен директор на ОХО.