Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да започне судскиот процес против сопственикот на порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски.
Тој е обвинет за неколку кривични дела: две дела ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем и по едно уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.
Предметот во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје беше оформен по поднесени кривични пријави против Стаменковски од повеќе лица во текот на минатата и почетокот на оваа година, а жртви на неговите активности и објавени текстови биле свештеници, новинарки, истражители од МВР, како и една телевизија.
Стаменковски беше приведен на 9 февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом имаше претрес и беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, како и поголема сума пари. Надлежните се сомневаат дека може да се пронајдат докази и за други кривични дела, па не се исклучува можноста да има продолжение на овој случај.
Обвинението за кое денеска почнува судскиот процес опфаќа неколку случаи за кои од ОЈО Скопје детално информираа кога тоа беше поднесено до Основниот кривичен суд.
Двете дела ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, според Обвинителството, тој ги сторил со објавување текстови за двајца свештеници во Македонската православна црква-Охридска aрхиепископија и за две новинарки.
Свештениците го пријавиле бидејќи преку текстови ширел омраза и нетрпеливост кој нив. Стаменковски, наведе ОЈО Скопје, објавувал дека свештениците биле поврзани со домашни и странски тајни служби, а се упатувале и заканувачки зборови со кои се поттикнува народ да дојде и да ги избрка од манастирот во кој тие служеле.
Двете новинарски, пак, се од неделникот „Фокус“ за кои од ОЈО Скопје велат дека обвинетиот промовирал омраза и се обидел да ги заплаши да не објавуваат текстови во медиумот каде што работат.
„ОЈО Скопје постапуваше и обезбеди докази и по поднесена кривична пријава од две новинарки, кои пријавиле дека на веб-порталот од почетокот на 2022 година се објавуваат навредливи текстови со нивни фотографии, а чија крајна цел е тие да се заплашат и да се спречат да објавуваат текстови во неделникот во кој работат. Во текот на постапката, жртвите дадоа свои искази пред надлежниот јавен обвинител во кои ги поткрепија своите сомненија дека заднината на објавите на веб-порталот е да им се изврши притисок и цензура. Во текстовите обвинетиот директно промовирал омраза и врз основа етничка припадност“, наведе скопското обвинителство.
За кривичното дело уцена, пак, според тврдењата на ОЈО Скопје, Стаменковски на почетокот на годинава со намера да прибави имотна корист му се заканувал на еден оштетен дека ќе му наштети на неговиот углед и чест. Го контактирал преку социјалните мрежи и го повикал на средба за да го уценува дека ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му даде пари. Откако оштетениот одбил да се сретне, како што наведе Обвинителството, на порталот „Доказ“ биле објавени повеќе текстови за негови.
За пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба, Обвинителството го гони, пак, врз основа пријава од една телевизија која имала ексклузивни авторски права да емитува одредена содржина, но Стаменковски ги објавувал видеоматеријалите на порталот и овозможил неограничено јавно прикажување.
Додека ОЈО Скопје ја водело постапката, обвинетиот контактирал со истражителка во ОЈО Скопје и преку неа се обидувал да дознае информации за предмети по кои се постапува, вклучително и неговиот.
„Обидувајќи се да влијае врз постапката против него, од приватната комуникација со истражителката, без согласност искористил и објавил лични податоци и фотографии на четворица истражители во ОЈО Скопје, па затоа обвинетиот се товари и за кривично дело злоупотреба на лични податоци“, соопштија од ОЈО Скопје.
Истражителката вработена во МВР која му давала информации повеќе не е ангажирана во Истражниот центар на ОЈО Скопје и за неа, како што беше најавено, ќе се иницира постапка пред Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди во Министерството за внатрешни работи.