Денеска во Кривичниот суд почнува судењето за убиството на младиот Пино Секондо.
Дваесет и двегодишната скопјанка Ангела Ѓорѓиевска е обвинета како соучесник во убиството на тогаш 26-годишниот Секондо, настан кој се случи на 11 декември лани.
Пинета (Пино) Секондо беше исчезнат од 11.12.2018 година, а исчезнувачењето во полиција беше пријавено од мајка му Маја. После повеќе од пет месеци истрага, на 29 април годинава, од страна на непознат граѓанин во полиција беше пријавено дека на место викано Башинец во атарот на скопското село Љуботен е пронајден човечки скелет покриен со камења. На 31 мај годинава, пак, МВР до Основното јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против Ф.А. (27) и А.Ѓ. (22), двајцата од Скопје, за сторено кривично дело „убиство“.
Според обвинението, на 11.12.2018 година, обвинетата го повикала оштетениот, сега починатиот Пинета Секондо – Пино, и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат и другиот осомничен со возило „опел аскона“, носејќи со себе пушка. Тој го оставил возило на насипот на Вардар и седнал да управува со автомобилот „шкода“ со кое до насипот дошол оштетениот Секондо. На совозачкото место седнала обвинетата, додека оштетениот седнал на задното седиште. Тројцата се упатиле по обиколница кон атарот на селото Арачиново и во една нива започнале најпрвин вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент осомничениот со пушката го застрелал во главата оштетениот Пинета Секондо. Обвинетата дала особен придонес кон извршување на делото, така што овозможила да се сретнат, иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост. Таа го повикала оштетениот, била присутна во моментот на неговото лишување од живот, а потоа заедно со другиот осомничен го ставиле телото на починатиот во багажникот на возилото. Заедно тие се упатиле кон гробиштата во селото Сингелиќ, а потоа се движеле низ планината кон Љуботен. На едно место здогледале дупка, па обвинетата и нејзиниот соизвршител го оставиле телото во дупката, покривајќи го со ќебе“.
Додека траеше истрагата, првообвинетиот Али Фуркан избега, а МВР по него распиша меѓународна потерница.