Почнува второто полугодие од учебната година, наставата ќе продолжи и по 10-ти јуни

За основците и средношколците денеска почнува второто полугодие од учебната 2022/2023 година. Со одлука на Владата, зимскиот распуст беше продолжен и почетокот на наставата одложен од 18-ти на 23 јануари заради функционалност на училиштата.

Најверојатно учебната година ќе заврши на 14 јуни наместо на 9 јуни (петок) затоа што, како што изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири, учениците треба да ги одработат сите 180 работни наставни денови утврдени со Календарот за воспитно-образовниот процес во училиштата.

„За подобро функционирање на процесот, поради тоа што 18 јануари е среда, 19-ти е празник за поголем дел од граѓаните и 20-ти е петок, одлучивме второто полугодие да почне во понеделник. Исто така, да се изработат сите 180 работни денови до крајот на ова второ полугодие. Има три работни наставни денови и не гледам причина да има некаков проблем“, рече Шаќири минатата седмица.

Претходно во неделата министерот најави дека на почетокот од второто полугодие ќе бидат испорачани учебниците по матетматика и општество за второ одделение.

Пред почетокот на второто полугодие истакна дека годинава ќе има и дел од учебниците за средно гимназиско образование, а речиси сите учебници за средно стручно образование ќе бидат целосно достапни и во електронска форма.

Министерството за образование и наука годинава ќе обезбеди и нови учебници за странски јазици за основно и средно образование. Министерот Шаќири го најави и новиот Закон за учебници.

„Министерството за образование и наука со оглед на предизвиците со учебниците што се појавија, утврди дека има потреба од нов подобар Закон за учебници, со кои ќе се минимизираат можностите за грешки, доцнење и слични проблеми и убеден сум дека следниот септември дел од проблемите што се појавија ќе бидат минато и нема да се повторат. Иако МОН не е дел од процесот на одобрување на учебници, ја користам приликата да ја информирам јавноста дека ги активираме сите можни механизми, довербата на граѓаните да биде уште поголема“, рече Шаќири.