Поранешниот гватемалски диктатор Ефраин Риос Монт обвинет за геноцид над Маите умрел во неделата во 91-та година од животот и погребан веднаш по само неколку часа во присуство на најтесното семејство и блиски пријатели.
Во текот на вледеењето на Монт, од 1982/1983 година сторени се најголемите злосторства во 36-годишната граѓанска војна во Гватемала.
Поранешниот диктатор умрел во својот дом од срцев удар, изјави за новинарите Хаиме Ернандез, еден од неговите адвокати кои го бранеа во судската постапка.
Неговата адвокатка Луис Розалес изјави, пак, дека поранешниот претседател на Гватемала „умрел мирно, со убедување дека во неговата земја никогаш не се случил геноцид и дека не е виновен за злосторствата за кои е обвинет“, а се случиле во текот на граѓанската војна којашто ја разори земјата од 1960 до 1996 година.
Погребан е само неколку часа потоа на приватни гробишта во главниот град. Пријателите кои биле на погребот извикувале „Да живее генерал Риос Монт кој не’ ослободи од комунистите“, пренесува агенцијата AFP.
Истовремено десетици семејства на жртвите протестираа во неделата барајќи правда. „Риос Монт е одговорен за геноцидот, народот тоа нема да му го прости ниту заборави“, напишано е со црвена боја пред зградата на поранешната влада.
Поранешниот воен функционер, обвинет дека наредувал уништување на селата на Маите, умре додека против него се водеше судска постапка за геноцид без присуство на јавноста. Лекарите утврдиле дека боледува од старечка деменција и други тешки болести. Доколку беше осуден, казната поради својата здравствена состојба би ја служел дома или во старски дом по избор на неговото семејство.
Поранешниот шеф на државата на 10-ти мај 2013 година беше осуден на 80 години затвор за геноцид, но казната му беше поништена на Уставниот суд поради процедурални пропусти.
Риос Монт, според обвинението, е одговорен за масакр на 1.771 припадник на племето Маја во округот Квиче, на северот од Гватемала. Иако кусо беше на власт, тој период се смета за еден од најкрвавите во граѓанската војна, се наведува во извештајот на ОН. Овој извештај покажува дека од 1978 до 1984 година се сторени 91 отсто од повредите на човековите права во граѓанската војна во кој загинале или исчезнале околу 200.000 луѓе.