Уметникот Стив Дитко, кој заедно со легендарниот Стен Ли го креираа стрипот за Спајдермен, еден од најпознатите супер јунаци, починал во Њујорк на 90 годишна возраст. Полицијата за „Холивуд репортер“ ја потврди информацијата, не е се познати причините за смртта.
Во 1961 година, Дитко и Ли го создадоа Спајдермен. Ли, главниот и одговорен уредник на „Марвел комикс“ му дал задача на Дитко откако не бил задоволен од тоа како Џек Кирби ја реализирал идејата за тинејџерот суперхерој со моќи на пајак. Изгледот на Спајдермен – костумот, мрежите кои ги испукува, црвено-синиот дизајн- сето тоа дошло од Дитко.
Спајдермен за прв пат се појави во „Amazing Fantasy“ број 15, а стрипот стана неочекуван хит, па ликот беше лансиран во посебен стрип „The Amazing Spider-Man“. Дитко помогнал во создавањето на класични ликови од стриповите на Спајдермен, Докторот Октопус, Сендмен, Гуштерот и Зелениот Гоблин.
Во 1963 Дитко со Ли го креираа и ликот на надреалниот и психоделичен супер јунак, Доктор Стрејнџ.