Почна Фестивалот на уличен театар под отворено небо – Баскерфест

Фестивалот на уличен театар под отворено небо – Баскерфест 2017 почна синоќа во Скопје со парада на учеснициците, како и Градскиот дувачки оркестар и девојките од танцовиот клуб „Еурека“. Парадата почна на плоштадот Македонија, по што учесниците се упатија кон улицата „Македонија“, а потоа се вратија на плоштадот.

Баскер изведувачите, оркестарот и танчерките, соопштија од Град Скопје, на овој начин ги поканија скопјани да излезат на улиците и да уживаат во возбудливите точки кои ќе може да ги гледаат во центарот на Скопје до 25 јуни.

Град Скопје е покровител на манифестацијата „Баскерфест“. На уличниот фестивал присуствуваше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

На плоштадот Македонија во текот на 10 дена на трите поставени бини ќе се одвива програмата на фестивалот секојдневно од 19 до 23 часот. Има и детско катче за најмалите, каде што децата може да се вклучат во различни забавни активности секојдневно од 18:30 до 20 часот, а музичката програма ќе биде застапена секој ден од 22 до 1 часот по полноќ.

Во рамки на Баскерфест има и пивска градина каде што посетителите може да се освежат во топлите летни денови.

На годинешниов отворен театар се најавени многу интересни артисти од целиот свет меѓу кои Барбароса, Пеперониус, Винил Брнс, Јаника Белиза, Хозе Енрикес, господин и госпоѓа Бабл, дуито Мајсторот и Маргарита и други учесници.

Уличните фестивали се значајна културна атракција во многу земји, и започнувајќи од 2006 година Македонија стана прва земја на Балканот со ваков вид на фестивал. Баскерфест е првиот меѓународен и мултикултурен уличен фестивал во Македонија, признат како најголем настан од ваков вид во регионот. Оваа традиција продолжува секоја година со се повеќе учесници од повеќе земји во светот, меѓу кои Австралија, Канада, Аргентина, Полска, Италија, Нов Зеланд, САД, Германија, Ирска, Јапонија, Колумбија, Боливија…

Градот Скопје реализацијата на фестивалот ја поддржа со 1,2 милиони денари.