Во Клубот на пратеници во Скопје почна средбата на лидерите на ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, Никола Груевски, Зоран Заев и Али Ахмети, на која се разговара за исполнување на договорот од Пржино од 2 јуни/15 јули. На средбата е присутен и американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли.
Претпладнево продолжија разговорите на партиските работни групи со посредство на белгискиот експерт Питер Ванхауте за финализирање на договорот од Пржино.
ВМРО-ДПМНЕ на состанокот го преставуваа Силвана Бонева, Илија Димовски и Никола Тодоров, од СДСМ се Оливер Спасовски, Цветанка Иванова и Фросина Ременски, од ДУИ Муса Џафери и Артан Груби, а од ДПА Беким Фазлиу.
Пред состанокот ниту еден од претставниците на партиите не даде изјава за медиумите, пренесува МИА.
Посредникот во разговорите меѓу четирите најголеми политички партии Питер Ванхауте вчера изјави дека е постигнат одреден напредок за отворените прашања од договорот од 2 јуни/15 јули, но се уште нема финален договор.
– Каков било договор треба да биде поддржан од сите четири партии. Во спротивно, ќе нема договор, изјави Ванхауте.
Во изминатите денови Ванхауте имаше одвоени средби со претставниците на политичките партии, по консултациите што ги имаше во Брисел.