![bajden zamislen](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/06/bajden-zamislen.jpg?resize=696%2C391&ssl=1)
Популарноста на американскиот претседател Џо Бајден е речиси на најниско ниво од почетокот на неговиот мандат, што укажува на проблемите што го очекуваат на претседателските избори следната година, покажува новата анкета на агенцијата Reuters и институтот за социолошки истражувања Ipsos.
Тридневната анкета, која завршила во неделата, покажа дека само 40 отсто од испитаниците го поддржуваат Бајден, што е малку повеќе од 39 отсто во ноември. Маргината на грешка е три процентни поени.
Во ноември 2024 година, Бајден се очекува да се соочи со поранешниот претседател Доналд Трамп, фаворит за републиканска номинација. Некои анкети, главно на медиумите кои уште од 2020 година не се наклонети на републиканецот, покажуваат дека потенцијалната трка меѓу нив наводно ќе биде тесна.
Анкетата покажа дека Американците сметаат дека економијата, криминалот и имиграцијата се главните проблеми со кои се соочува земјата, токму за што Трамп и другите републиканци го критикуваа Бајден. Деветнаесет отсто од испитаниците ја оцениле економијата како главен проблем, единаесет отсто рекле дека тоа е имиграцијата, а десет отсто криминалот.
Рејтингот на Бајден не надмина 50 отсто од август 2021 година, а најновата анкета покажа дека тој е близу најниско ниво од 36 отсто во средината на 2022 година.