Поддршката за странските инвеститори ќе продолжи и од новата влада, уверува вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на работна средба со бизнис секторот во Стопанската комора на Македонија.
Анѓушев ги увери инвеститорите во земјава од странство дека тие се добредојдени и треба да се чувствуваат заштитени, но дека ќе се прават максимални напори да се зголеми соработката меѓу компаниите со странски капитал и домашните фирми.
„Нема да вршиме притисок врз странските инвеститори, туку ќе работиме со домашните компании да го зголемиме нивниот капацитет и тие да бидат главни партнери на странските инвеститори“, рече вицепремиерот Анѓушев истакнувајќи дека сите мерки кои важат за странските ќе важат и за домашните инвеститори.
Владиниот економски тим најавува и зголемување на пакетот со бенефиции за странските инвеститори со дополнителни даночни олеснувања и субвенции за соработка со македонските компании.