Подемот и пропаста на планот „Уставни измени“

Со сите сили ДУИ и СДСМ (не СДСМ и ДУИ, зошто партијата која ја предводи Али Ахмети го има главниот збор во власта, додека партијата на чие чело е Димитар Ковачевски е само придружен елемент) се обидуваат, на моменти и очајнички, да ги протуркаат толку посакуваните за нив уставни измени. Не бираат средства во реализацијата на својата цел, ниту пак ги интересира мислењето на граѓаните. Посегнуваат по се’ можно и неможно само да си го остварат планот.

А, плановите нивни се мрачни за Македонија. Тоа е јасно како ден. Од друга страна, и неможе да се очекува ништо подобро од политички структури завиени во криминал и корупција, и по хоризонтала и по вертикала. Запустеа се’ во Македонија. Вметнувањето на Бугарите во Уставот на Македонија им е сламката за спас во политиката и на ДУИ и на СДСМ. Карта во ракавот, која се надеваат дека ќе им обезбеди уште еден мандат на власт, секако со странска помош, зошто ниту членството нивно нема да гласа за нив после пустошот што го направија во земјава на сите полиња.

Политичкиот моментум наликува на оној од 2018 кога се менуваше името на Македонија. Повторно недостасуваат осум пратеници за да помине работава. И секако повторно на удар се пратениците на ВМРО ДПМНЕ. Но, овој пат има една голема разлика. Пратеничката листа на ВМРО ДПМНЕ не ја составувале и аминувале ниту Никола Груевски, ниту Сашо Мијалков.

А, токму Никола Груевски, како што стојат работите моментно со информациите кои кружат во јавноста, е по се’ изгледа главниот таргет на власта. Пазар со него. Но, очигледно погрешна проценка. Колку тој може да им помогне во обезбедување осум пратеници, во замена за измените на Кривичниот законик? Планот, кој кружеше како неофицијална рекла-казала информација, почна да се остварува. Измените во Кривичниот законик се случија, ДУИ и СДСМ ги изгласаа, а Стево Пендаровски експресно брзо ги потпиша. Ова е само уште еден аргумент плус зошто неговиот рејтинг како претседател на Македонија е дури под рамките на статистичка грешка.

Локомотивата во туркање на планот, или сидрото што влече напред што би рекол Зоран Заев, е ДУИ. Оттука, се потврдува и тоа дека нивни емисари оделе во Будимпешта. Кој точно бил емисарот и воопшто не е важно. Важно е дека биле таму. Имало комуникација и договарање. СДСМ незнам дали биле вклучени, но со оглед на тоа како стојат работите се потврдува тоа дека се само придружен елемент на ДУИ во власта и мора да слушаат што ќе им кажат од корпусот на Али Ахмети, или што ќе им каже тој лично.

Е сега, разликата меѓу политичкиот моментум во 2018 и во 2023 е тоа што возот ДУИ-СДСМ удри во ѕид. И тоа гранитен ѕид, кој не ни напукна од ударот, а камоли нешто повеќе. А, возот? Се распрсна, и тоа толку силно што тешко и дека часовничар може да го состави. Оваа пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ не попушта. Не прв пат им го покажа и докажа тоа. Долго разработуваниот и подготвуван план на ДУИ и СДСМ стана фијаско. На површина испливаа политичките фекалии кои ги направија.

Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ е аргументот кој докажува дека најголемата опозициска партија е цврста и обединета. Информациите за некаков раскол и разединетост се покажаа како дезинформации подготвени и сервирани од одредени политички кујни.

Бројката на минус двајца пратеници за уставни измени од редовите на придружниот елемент на ДУИ, всушност јасно покажува дека разединетост и раскол има токму во СДСМ. Нешто слична е и ситуацијата во ДУИ, каде се’ погласно се говори за повеќе крила и фракции. Производ на неединството во ДУИ е и новата партија Демократско движење, во јавноста познати како „Огнените“.

На крајот сета оваа ситуција дефинитивно ќе се искристализира на претстојните парламентарни избори. Сите досегашни истражувања на јавно мислење и анкети ни го кажаа победникот на тие избори – ВМРО ДПМНЕ, предводено од Христијан Мицкоски.

Автор: Дејан Николовски