Подготвен за употреба системот за наплата на патарина со еден „таг“ за патувања во Македонија и Србија

Системот за заедничка електронска наплата на патарина со примена на еден „таг“ при патување во државава и во Србија ги помина успешно сите тестирања, подготвен е за употреба и е функционален, информираат за МИА од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Проектот беше најавен во септември 2021 година во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, а стартен датум за примена е 1 јули годинава.

Ќе функционира на начин што наместо да запираат или да купуваат дополнителен уред или картичка, возачите од двете земји ќе може со еден уред да платат патарини и во Северна Македонија и во Србија.

-Реализацијата на проектот Отворен Балкан е во завршна фаза, се врши тестирање и проверка на системот, во реално време и со реални податоци. Системот ги помина успешно тестирањата, спремен е за употреба и е функционален. Изминатиов период се правеше подготовка на интеграција на системите за наплата на патарина на Република Северна Македонија и Република Србија. Исто така, се вршеше подготовка и изработка на безбеден и ефикасен начин за реализација на трансакциите во двете земји. Во интеграцијата на системот е ангажиран кадар што и досега работеше на воспоставување на електронската наплата, објаснуваат од ЈПДП.

ТАГ-от (микробранов транспондер) треба да се регистрира (преконфигурира) на веб пoрталот openbalkan-etc.com